Запален автомобилот на висок функционер на ВМРО–ДПМНЕ во Охрид

Експлозија одекнала ноќта кон петокот и го запалила автомобилот на Мишел Наумоски. познат адвокат и висок партиски фунционер на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

За среќа нема повредени во инцидентот кој се случил во строгиот центар на градот, но силно е вознемирено семејството на Наумоски кој е член на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше сериозен кандидат за претседател на охридскиот огранок, а неговото име се врзуваше и за директорската фотелја на КПУ „Затвор” Охрид.

„Силната детонација ги распамети соседите, исплашени скокнаа од сон и се симнаа пред зградата“,  раскажува Наумоски кој стигнал дома само десеттина минути пред да го запалат автомобилот.

„Згрозен сум од ова што се случи. Кај моето семејство веќе има чувство на несигурност, бидејќи ова не е прв инцидент“, вели Наумоски.  Додава дека во континуитет последните неколку години се врши притисок и заплашување на неговото семејство, но овој пат сторителите отидоа предалеку.

„Сме добивале, не можеби јас лично меѓутоа и моето семејство и како дел од моето семејство, разни пораки по фејсбук профили разни дејствија предизвикани од органи на државната управава, односно министерство за внатрешни работи, односно полициската станица во Охрид, изразена преку висок старешина таму кој упатувал индирекни закани преку непосредни лица“, вели Наумовски.

Наумоски, кој се сомнева дека бил следен од сторителите, потенцира дека досега ниту еден инцидент не бил расчистен, ниту биле откриени сторителите на другите дела. Поради тоа имал и состанок со началникот на СВР Охрид од каде заминал со ветување дека ќе откријат кој го запашува семејството Наумоски и кој е мотивот и за овој инцидент.

„Ќе покаже истрагата за што се работи меѓутоа во возачкиот дел на седиштето на возачот има поголема дупка, отвор, што е речиси невозможно да се направи од оган, од висока температура, бидејќи тоа е најсилниот дел на основата на возилото. Истрагата ќе покаже со што е направено тоа, дали е користенадруга форма на запалива течност или е експлозив“, додва Наумоски.

Безбедносните камери и очевидците забележале две лица околу автомоблот на Наумоски во моментот кога тој експлодирал, а малку недостасувало пожарот да ги зафати и останатите триесетина возила паркирани едно до едно пред зградата во која живее.