
Британската компанија „Ендава“ денеска свечено ги отвори новите работни простории во Скопје. На отворањето пред присутните се обратија извршниот директор на компанијата Џон Котерел и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.
– Брзиот економски раст, уште поинтензивниот развој на информатичкиот сектор и високообразовниот кадар беа клучните причини поради кои го одбравме Скопје меѓу 40 други градови. Нашата цел е да ги привлечеме најдобрите од оваа област, тие во нас да препознаат место каде што ќе ја изградат својата кариера, истакна Котерел.
Во своето обраќање Котерел ги запозна присутните со дејноста на компанијата. Станува збор за една од најбро растечките компании, која работи во областа на информатичката технологија. Се планира во текот на првата година од работењето во „Ендава“ да се вработат околу 100 млади луѓе, а во текот на наредните години се очекува да биде надминат бројот од 400 вработувања.
Премиерот Груевски во воведниот дел од своето обраќање потенцира дека можноста да се биде дел од еден ваков настан кога странски инвеститор и официјално започнува со работа во Република Македонија отсекогаш претставувало големо задоволство. Нагласи дека ваквите настани се нов импулс за владините тимови во постојаните промоции на поволните деловни можности на земјата.
– Македонија е позната како еден од најбрзорастечките пазари во ИКТ секторот во овој дел од Европа. Таквиот тренд се должи на нашите политики и мерки за развој во изминатите години, поттикнувањето на младите да е образуваат во делот на информатичките науки, отворањето нови факултети,… Ваквите прилики, но и добрите бизнис услови што ги нуди Македонија, се основните причини поради кои светски познатиот бренд „Ендава“ реши да го прошири своето производство токму тука, истакна премиерот Груевски.Според него, користењето врвна технологија и софтвер на „Ендава“ кај голем број моќни мултинационални компании во секторите банкарство, осигурување, малопродажба, телекомуникации, медиуми, издаваштво, ќе значи дополнително подобрување на имиџот на Македонија.
Канцелариите на „Ендава“ се наоѓаат во престижната зграда „Кале“ и за нивно изнајмување компанијата потпиша петгодишен договор. Просторот зафаќа 3.000 метри квадратни, а е дизајниран и уреден согласно највисоките светски стандарди во ИКТ индустријата. Има 19 сали за состаноци, делови за релаксација, оддел со игри и простор во кој вработените можат да се дружат.
Извршниот директор потенцира ото ваквиот концепт, целосно се вклопува во културата на „Ендава“ што подразбира овозможување одлична работна атмосфера.
фото: МИА