Започна кампањата за безбедно возење во Прилеп

Прилеп ја започна кампањата за едуцирање на младите  за опасностите кои може да се случат од брзото и неодговорно возење со поддршка Агенцијата за млади и спорт и на Републичкиот совет за безбедност на патиштата, двократниот европски шампион во ридско-брзински автомобилизам, Игор Стефановски – Иџе.

Стефановски вели дека тој брзината ја покажува каде што треба, на патеките, а на улица треба да се биде одговорен, посебно младите.

Непотребно е на нашите улици да се вози брзо и да се загрозуваме пред се, ние, а потоа и сите останати. Целта е преку едукативна програма да им објасниме на младите кои се спортските вредности, да го почитуваат фер-плејот во спортот и тимската работа и се надевам дека ќе донесе резултати. Нашата мисија е една сообраќајна несреќа да има помалку, а тоа значи дека сме ја постигнале целта, вели автомобилистот Игор Стефановски – Иџе.

Предавањето  пред учениците од средните и основни училишта Стефановски го одржа во преполната сала од домот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Кампањата ја поддржа и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Со овој настан сакаме пред се да ја потенцираме безбедноста во сообраќајот во Прилеп. Исто така, сакаме  да поттикнеме младите да се занимаваат со спорт, нормално да учат и секако, да се промовира  автомобилизмот преку нашата легенда Иџе, истакна Ристески.

Оваа кампања има и забавен карактер. Пред младите прилепчани македонскиот трофеен спортист Иџе ги донесе своите две возила: картингот и тркачкото возило, а младите исто така можеа да почувствуваат како е да се вози на вакви брзински трки преку симулаторот кој Стефановски го донесе од својата тркачка академија. Кампањата ќе се спроведе низ цела Македонија.