Заврши првата средба за Законот за високо образование

Средбата во Ректоратот на УКИМ за Законот во високото обрзование заврши. Преку соопштение информираа дека е договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија и подобрување на квалитетот на високото образование.

– Заклучено е да се формира работна група со претставници од Универзитетот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од Министерството за образование и наука, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа за состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст“, се наведува во соопштението.

Ова беше прва средба на работната група со претставници од Владата, УКИМ, пленумите на професорите и студентите за подобрување на Законот за високо образование, која почна во 16 часот и заврши некаде пред 21 часот.  Од Владата на средбата присутни беа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

На средбата е договорено во  наредните денови да се одржи нова работна средба во овој состав.

На средба која ја иницираше Сенатот на УКИМ, а се одржа во Владата на 6 февруари, беше договорено примената на последните измени на Законот за високото образование (кои Собранието ги изгласа на 14 јануари) да се се одложи – за една година спроведувањето на државниот испит, а други одредби, вклучително и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор – да се одложи за две години. Беше договорено Владата, професорите и студентите заеднички да продолжат да работат на подобрување на високото образование.

фото: МИА