АТП Доха: Лехечка со пресврт го елиминираше Алкараз

Чешкиот тенисер Јиржи Лехечка (АТП-25.) го победи Шпанецот Карлос Алкараз (АТП-3.) со 6:3, 3:6, 6:4 и обезбеди скок до нов најдобар пласман во кариерата со пресвртот во третиот сет од четвртфиналниот меч на АТП 500 турнирот во Доха.

Лехечка со оваа победа стигна до соодносот 12-2 сезонава, која ја отвори со освојувањето на титулата во Бризбејн, а доколку не успее да се пласира во финалето, во понеделник ќе биде 22. на АТП-листата во сингл.

Според статистиката на директни поени (32-18 за Алкараз) и неизнудени грешки (Алкараз 25, Лехечка 36), Шпанецот требаше да излезе како победник од овој меч иако го загуби првиот сет. Тој беше многу блиску до тоа кога поведе со 4-2 во третиот сет и имаше можност да оди на два дополнителни брејка во седмиот гем.

Наместо тоа, Лехечка се извлече, намали на 3-4, а потоа нанижа уште три гема, од кои два кога Алкараз беше на сервис, за неговата прва победа против четирикратниот грен-слем победник.

Во полуфиналето Лехечка го чека победникот од дуелот меѓу Британецот Џек Дрејпер и Италијанецот Матео Беретини, кој во првото коло го „шокираше“ Новак Ѓоковиќ.

Драматичен четвртфинален дуел одиграа Андреј Рубљев (АТП – 10.) и Австралиецот Алекс де Минаур (АТП – 8.), иако ништо не навестуваше дека тоа ќе биде случај кога Русинот поведе со 5-2 во третиот сет. Во осмиот гем не ја реализираше првата меч поен на сервис на противникот, а потоа и една кога беше на воведниот удар. Рубљев имаше уште три меч топки во деветтиот гем, но Австралиецот успеа да го одведе мечот во тај-брејк и дојде до поен од победа кога поведе со 6-5.

Рубљев возврати и пропушти уште две меч топки (7-6, 8-7), пред да поведе со 9-8 за да победи со 6-1, 3-6, 7-6 (8), користејќи ја вкупно својата осма меч топка.

Рубљев за место во финалето ќе игра со Канаѓанецот Феликс Огер-Алиасиме (АТП-23.). Првиот сет го доби со 6-3 против Даниил Медведев (АТП-6.), но потоа Русинот се повлече поради последиците од труење со храна.