
Белата куќа продолжи да врши притисок врз Киев во четвртокот да ја прекине вербалната војна, повикувајќи го да ги ублажи критиките и брзо да потпише договор за ретките минерали.
„Треба да ги замолчат критичарите и внимателно да го проучат овој договор и да го потпишат“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц во интервју за Fox News.
„Отпорот на Украина во однос на договорот за минералите и на начинот на кој американскиот претседател Доналд Трамп ги води мировните преговори е едноставно неприфатлив со оглед на сè што направија САД за Украина, додаде Валц.
Забелешките на Валц дојдоа ден откако Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски разменија остри пораки преку социјалните мрежи.
Трамп го нарече Зеленски „неизбран диктатор“, а Зеленски одговори дека американскиот челник „живее во балон од дезинформации“ и „ги повторува аргументите на Москва“.
Трамп побара од Украина да им ги исплати пратките во оружје, опрема и финансии од САД со минерали од ретки земји во вредност од 500 милијарди долари.
Зеленски во својот одговор тврди дека САД ѝ дале на Украина 67 милијарди долари оружје и 31,5 милијарди долари буџетска поддршка, а не 500 милијарди долари и рече дека не може да ја „продаде својата земја“, иако е познато дека изминатите години големи површини од најплодната украинска почва веќе станаа сопственост на американските копрорации блиски на поранешната администрација во Вашингтон.
Сепак, Валц рече дека разликите меѓу САД и Украина не се непомирливи: „Претседателот исто така кажа колку го сака украинскиот народ“.
Украина и европските лидери се лути што останаа надвор од мировните преговори што започнаа во вторникот во Ријад, откако Трамп и Путин телефонски разговараа минатата седмица.
Валц негираше дека не биле консултирани сојузниците на САД и Украина.
„Постои термин за тоа во дипломатијата. Тоа се нарекува ‘шатл’ дипломатија, бидејќи во минатото не функционирало да се доведат сите на преговарачката маса во исто време. Значи, воспоставивме контакт со едната страна, па со другата, а потоа ќе имаме процес кој ќе се движи напред под водство на претседателот Трамп“, појасни Валц.