
Американскиот претседател Доналд Трамп следната недела ќе го прими британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа, со што тој ќе стане првиот европски лидер кој ќе оствари официјална посета во Вашингтон за време на вториот мандат на Трамп.
Точниот датум сè уште не е објавен од ниту една страна.
– Следната недела премиерот на Обединетото Кралство ќе биде тука во Белата куќа, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, за „Фокс њуз“.
Овој состанок се одржува во период на високи тензии меѓу Трамп и европските лидери, особено по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кого поголемиот дел од Западот го смета за изолиран меѓународен актер.
По разговорот, Трамп го испрати државниот секретар Марко Рубио на средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Саудиска Арабија. Разговорите за Украина повторно се одвиваа без присуство на претставници од Украина или од Европа.
– Обезбедуваме сите страни да бидат слушнати, но мора да се разговара со двете завојувани страни за да се постигне договор и да се реши проблемот. Ова е значаен прв чекор кон мирот, додаде Левит.
Во меѓувреме, британскиот премиер Стармер во понеделникот учествуваше на вонредните европски разговори во Париз, посветени на ситуацијата во Украина.