
Велика Британија и Франција работат на формирање европски сили наменети за осигурување на безбедноста на Украина во рамки на можниот договор за примирје, а кои би биле составени од „помалку од 30.000 војници“, јавија денеска британските медиуми.
Повикувајќи се на „западните официјални лица“, неколку весници, меѓу кои „Гардијан“, „Тајмс“ и „Фајненшл тајмс“, укажуваат дека овие сили ќе бидат главно воздушни и поморски сили со „минимално“ присуство на теренот подалеку од линијата на фронтот на истокот на земјата.
Целта на овој воен контингент е да ги спречи руските напади врз украинските градови, пристаништа и инфраструктура во случај да се постигне прекин на огнот под покровителство на САД, пишува „Гардијан“.
Европејците стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе стави крај на војната во Украина, која Русија ја започна пред три години, под услови поволни за Москва и без давање безбедносни гаранции на Киев.
Според весниците, еден услов за таков план би бил гаранции за „воздушна покривка“ од САД за да се одврати Русија од прекршување на можниот договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно повика на присуство на западни сили од најмалку 100.000 војници.
Доналд Трамп изјави дека целосно го поддржува присуството на европските мировни сили во Украина, но Русија цврсто се противи на тоа.