ВИДЕО| Израел бомбардираше цели во јужна Сирија

Израелски борбени авиони бомбардираа области јужно од сириската престолнина Дамаск и во јужната провинција Дара доцна ноќта во вторникот, известија тамошните жители, безбедносни извори и локалната телевизија.

Израелските авиони го нападнале градот Кисве, дваесеттина километри јужно од Дамаск, рекол за Reuters сириски безбедносен извор. Друг безбедносен извор изјавил дека целта била воена локација, но не навел детали.

Израелските воздушни напади ја погодија и јужната провинција Дара, соопштија локалните жители.

Израелската војска соопшти дека нападнала воени цели во јужна Сирија, вклучително и складишта за оружје.

„Воздухопловните сили жестоко ја напаѓаат јужна Сирија како дел од новата политика за смирување на јужна Сирија, а пораката е јасна: нема да дозволиме јужна Сирија да стане јужен Либан“, изјави портпаролот на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.

„На секој обид на силите на сирискиот режим и терористичките организации во земјата да воспостават упориште во безбедносната зона во јужна Сирија ќе биде одговорено со оган“, додаде тој.

Жителите на Дамаск и новинарите на Reuters во градот слушнале звуци на авиони кои летаат ниско над главниот град и серија експлозии.

Бомбардирањето дојде неколку часа откако Сирија го осуди израелскиот упад на југот на земјата и побара повлекување на израелските сили, се вели во завршната изјава на националниот совет.

Израел ги размести своите сили во демилитаризирана зона под надзор на ОН во Сирија, откако бунтовниците предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), поранешен сојузник на џихадистичките мрежи Исламска држава и Ал Каеда кои во меѓувреме ја добија поддршката од Турција и западните земји, во декември по 13 години војна го соборија поранешниот секуларен претседател Башар ал-Асад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека Израел нема да толерира присуство на HTS во јужна Сирија, ниту какви и да се други сили поврзани со новите владетели на земјата.