
Кинескиот анимиран блокбастер „Ne Zha 2“ во вторникот го престигна „Inside Out 2“ на Pixar и стана анимиран филм со најголема заработка во историјата, покажаа податоците објавени од платформата за продажба на влезници Maoyan.
„Ne Zha 2“ досега има заработено вкупно 12,3 милијарди јуани или околу 1,69 милијарди долари, вклучително и претпродажба и заработка во странство, што го прави осми филм со најголема заработка во светот.
Над 99 отсто од приходите на кино-касите за филмот „Ne Zha 2“ доаѓаат од Кина, што е во спротивност со холивудските филмови кои обично се потпираат на поглобална стратегија за дистрибуција.
„Ne Zha 2“ е продолжение на хитот „Ne Zha“ од 2019 година. Филмот е заснован на кинески роман од XVI век. Станува збор за приказна за митско момченце со магични моќи и неверојатни боречки вештини, кое се обидело да го одбрани градот-тврдина Чентанггуан.
Го режираше режисерот роден во Сечуан, Јанг Ју, познат и како Џиаози.
Меѓу десетте филмови со најголема заработка на сите времиња во Кина, има само еден холивудски филм. „Avengers: Endgame“ го обезбеди деветтото место со заработка од 4,25 милијарди јуани во 2019 година.