
Роберта Флек, пејачката со кадифен глас и добитничка на четири награди Греми, чиишто балади како „The First Time Ever I Saw Your Face“ и „Killing Me Softly With His Song“ достигнаа на врвот на топ-листите во 1970-те, почина во понеделникот во 89-та година од животот, објави нејзиниот публицист.
Во ноември 2022 година нејзиниот публицист објави дека ѝ е дијагностицирана Амиотрофична латерална склероза (АЛС), познаа и како Лу-Геригова болест, и повеќе не може да пее. Станува збор за прогресивна, обично смртоносна невродегенеративна болест. АЛС ги уништува нервните клетки во мозокот и ‘рбетниот мозок кои ја контролираат мускулната функција, што доведува до прогресивна парализа и смрт.
Беше класично образована за пијанистка која им пркосеше на музичките жанрови, мешајќи аспекти на џезот, соулот, попот и аренби, за да создаде карактеристичен стил и да стане една од највлијателните американски пејачки.
Освои четири од престижните музички награди Греми и во 2020 година ја доби наградата за животно дело. Беше првата уметница која освои две последователни признанија Греми за албум на годината, за „The First Time Ever I Saw Your Face” од 1973 и „Killing Me Softly with His Song“ од 1974 година.
„Во повеќе од половина вел создавање музика се етаблираше како една од најкарактеристичните изведувачки на поп музика“, објави за неа во 2020 година американското National Public Radiо.
Во 1970-те години, Роберта Флек имаше неколку песни на првите места на топ-листите, а продуцираше и 20 студиски албуми. Иако самата ги напиша некои од песните коишто ги изведуваше, а на некои соработувала со колеги, себеси секогаш се сметаше првенствено за музичка интерпретаторка.
Како афроамериканка која израснала на југот, Флек ги искусила и расизмот и сегрегацијата, како и предизвицитево музичката индустрија во седумдесеттите години од минатиов век, во која тогаш доминираат главно мажите.
„Отсекогаш се трудев да бидам целосно искрена во својот музички израз, надевајќи е дека секоја личност може да ја пронајде сопствената приказна кога ги слуша моите песни, кои можат да ѝ помогнат да ја почувствува и спознае сопствената вистина“, изјави за магазинот Forbes.