Донесени законските измени за градба, поедноставна и поефикасна реализација на инфраструктурни проекти

Во насока на заштита на државниот капитал и државните интереси, Министерството за транспорт направи измени на Законот за градење со кои измени се овозможуваат остварување на правата на градење кон јавните органи, односно се овозможува реализација на веќе започнатите градби на државните органи.

-Измените на Законот за градење денеска беа изгласани на владина седница и согласно законските прописи ќе бидат испратени на разгледување и усвојување во Собранието. Овие измени се насочени кон унапредување на процесите за издавање на одобренијата за градење и поедноставување на постапките за инфраструктурни проекти доминантно спрема јавните органи. Целта на предложените измени е да се решат сите затекнати проблеми во текот на градбите, како и да се олесни користењето на објектите, со што ќе се овозможи побрза и поефикасна реализација на инфраструктурните проекти. На тој начин се овозможува реализација на веќе започнатите градби од страна на државните органи преку нивна доизградба и делот на ставање на употреба, информираат од Министерството.

Со измените исто така се олеснуваат постапките за изградба на патна и железничка инфраструктура финансирани од буџетски средства.

Со предложените измени се прави и усогласување на Законот за урбанистичко планирање со Законот за градење во делот на новите градби за складирање на енергија до 1 и над 1 мегават, со тоа што со новите измени се прави законско регулирање на таквите градби преку издавање на одобрение за градење за кои што досега за нив немаше реулирана процедура.

-Имајќи предвид дека голем дел од наследените проекти од претходните влади се заглавени, започнати и не довршени, ова е неопходен чекор во заштита на државниот капитал. И заради тоа измените на законот се суштински за да можеме да ги доизградиме патиштата, зградите на Универзитерскиот кампус, зградата на Народна банка, желеницата и сите други проекти кои се платени со народни пари а стојат недовршени, истакна министерот за транспорт Александар Николоски.

Министерството за транспорт овие измени ги направи во тесна соработка со општините и јавните претпријатија, се со цел да се поедностави постоечката регулатива во областа на градежништвото и инфраструктурата.