
На европските берзи се тргува претпазливо во средата претпладнето, при што индексите стагнираат, додека инвеститорите ги следат кварталните резултати на компаниите и новите макроекономски податоци, вклучително и инфлацијата во Велика Британија.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше речиси непроменет во првиот пресек од тргувањето.во однос на вчерашниот трговски ден, кога достигна ново рекордно ниво. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,23 отсто на 8.746 поени, а париски CAC за 0,08 отсто на 8.196 поени. Франкфуртски DAX, пак, зајакна за 0,29 отсто, на 22.910 поени.
Во Лондон цените на акциите паднаа откако беше објавено дека инфлацијата во Велика Британија во јануари достигна 3 отсто на годишна основа, повисока од очекуваната. Ова ја прави помала веројатноста дека британската централна банка ќе продолжи да ги намалува каматните стапки во скоро време.
Дополнително, инвеститорите се фокусираат на кварталните деловни резултати на европските компании. Меѓу другото, цената на акцијата на „Philips“ падна за повеќе од 8 отсто, бидејќи холандската компанија објави продажба пониска од очекуваната во последниот квартал од минатата година.
Тргувањето на азиските берзи е исто така претпазливо. Индексот на азиските акции MSCI беше намален за 0,2 отсто во иститот пресек како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei падна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,3 и 0,7 отсто. Меѓутоа, во Шангај и Јужна Кореја тие се зголемија меѓу 0,8 и 1,7 отсто.
Азиските берзи се претпазливи, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини. Тој планира да воведе царини од 25 отсто за автомобили, но Трамп вели дека нема да ги воведе овие царини пред 2 април, кога ќе ги има сите податоци за тоа колку земји во светот наплаќаат царини за увоз на американски производи.
Трамп синоќа изјави и дека ќе ги зголеми тарифите за фармацевтските производи и полупроводниците на 25 отсто и дека до крајот на годината може дополнително да се зголемат.
„Мислам дека инвеститорите проценуваат како новите тарифи би можеле да влијаат на пазарите на капитал. Но, не се работи само за царините, инвеститорите се исто така претпазливи поради геополитичките несигурности во врска со мировните преговори меѓу Русија и Украина, како и кризата на Блискиот исток“, вели Сенди Вилере од компанијата „Villere & Co“.
Централните банки во регионот, сепак, продолжуваат да ја намалуваат цената на парите. Откако австралиската централна банка вчера ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, утринава централната банка на Нов Зеланд ги намали уште поостро, за 0,50 процентни поени и најави натамошни намалувања бидејќи, како што соопшти, инфлацијата ослабела.