
Рускиот претседател Владимир Путин го пофали исходот од разговорите меѓу Русија и САД во средата во Саудиска Арабија и рече дека Украина нема да биде исклучена од преговорите за ставање крај на војната.
„Без зголемување на нивото на доверба меѓу Русија и САД, невозможно е да се решат многу прашања, вклучително и украинската криза“, рече Путин во првите коментари за средбата одржана во вторникот во Ријад.
„Целта на оваа средба беше да се зголеми довербата меѓу Русија и САД“, истакна Путин.
Украинската страна и Европската унија не беа поканети на разговорите во главниот град на Саудиска Арабија, зголемувајќи ја нивната загриженост дека Русија и САД би можеле да постигнат договор што ги игнорира нивните витални интереси.
Но, Путин посочи дека Русија никогаш не ги отфрлила разговорите со Европејците или со Киев и дека токму тие одбиле да разговараат со Москва.
„Никому ништо не наметнуваме. Подготвени сме, сто пати го кажав ова – ако сакаат нека се случат тие преговори. И ние ќе бидеме подготвени да се вратиме на преговарачка маса“, рече рускиот претседател.
„Никој не ја исклучува Украина“, додаде Путин, нагласувајќи дека затоа нема потреба од „хистерична“ реакција за американско-руските разговори.
Рускиот претседател ги поздрави разговорите меѓу шефовите на руската и американската дипломатија одржани во вторникот во Саудиска Арабија. Тој ги нарече „првиот чекор“ во обновувањето на односите меѓу двете сили.
„Информиран сум за тоа, го оценувам позитивно, има резултати“, рече Путин, пренесе руската државна телевизија. „Го направивме првиот чекор да продолжиме да работиме во многу различни области“, додаде тој.
Путин увери дека средбата со Американците била „многу пријателска и многу срдечна“, оценувајќи дека тимот на Доналд Трамп е „отворен за преговарачкиот процес“.
Путин зборуваше и за можноста за средба со американскиот претседател.
„Би ми било драго да се сретнам со Доналд Трамп. А мислам дека и нему би му било драго“, рече Путин, но додаде дека не може да каже кога таа средба би можела да се организира.
По разговорите, Москва и Вашингтон одлучија да ги обноват дипломатските претставништва, поставувајќи ги темелите за обновување на односите. Ќе воспостави „консултативен механизам“ за надминување на споровите и назначување преговарачи за Украина.
Украинскиот удар врз рускиот нафтовод ги оштетува западните компании
Путин во средата сугерираше дека нападот со украинско беспилотно летало врз станицата на Конзорциумот на Каспискиот гасовод (CPC) во јужна Русија можеби бил координиран со Европа, но рече дека се надева дека тоа не е така.
Путин рече дека верува оти Украина не можела сама да организира таков напад и дека најверојатно добила западни разузнавачки информации и сателитски наведувања.
Беспилотно летало во понеделникот погоди станица на нафтовод во Русија, прекинувајќи го снабдувањето со нафта од Казахстан на светските пазари преку западните компании, вклучувајќи ги „Chevron“ и „Exxon Mobil“.
Путин, исто така, во средата рече дека руските сили започнале нова офанзива во Украина.
„Последната информација што ја добив пред еден час е дека борци од 810-та бригада синоќа ја преминале границата меѓу Русија и Украина“, рече Путин.
Според новинската агенција Тасс, руските единици заземале територија во украинската Сумска област а дошле од руската област Курск, каде од летото се водат борби. Таму силите на Киев заземаа неколку стотици квадратни километри, но од летото украинските единици со големи загуби сега контролира могу помала област околу пограничното гратче Суџа.
Киев веднаш го демантираше ова.
„Информациите на Путин за голема руска офанзива се лага“, објави Андриј Коваленко, портпарол на центарот за борба против дезинформации на украинската влада иако рускиот претседател не наведува дека станува збор за офанзива, туку за постојано напредување на фронтот.