
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека е подготвен да се повлече од претседателската функција доколку тоа значи мир за Украина, шегувајќи се притоа дека може да го замени неговото заминување за влез на Украина во НАТО.
„Доколку тоа значи мир за Украина, ако навистина е неопходно да ја напуштам мојата сегашна позиција, јас сум подготвен“, рече Зеленски, кој изгледаше доста иритирано, како што забележува Reuters, на прес-конференцијата запрашан дали е подготвен да ја напушти својата позиција доколку тоа ќе гарантира мир за Украина.
„И би можел веднаш да го заменам моето заминување за членство во НАТО, доколку има таков услов“, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп е за одржување на избори во Украина. Тој го нарече Зеленски „неизбран диктатор“, очигледно мислејќи на официјалниот петгодишен мандат на украинскиот лидер, кој истече во 2024 година.
Неговиот мандат требаше да заврши во мај минатата година, а изборите првично беа закажани за април 2024 година, но неговите помошници рекоа дека, во согласност со украинскиот устав, изборите може да се одржат само шест месеци по завршувањето на вонредната состојба. Уставот на Украина, според нивното толкување, забранува одржување избори за време на вонредна состојба во земјата.
Критиките на Трамп кон Зеленски дојде откако односите меѓу двајцата лидери нагло се влошија во последните неколку недели. Зеленски се спротивстави на идејата за одржување избори среде војна, став што го поддржаа неговите главни домашни политички противници.
Украинскиот претседател рече и дека сака Трамп да биде партнер на Украина, како и повеќе од само посредник меѓу Киев и Москва.
„Навистина сакам тоа да биде повеќе од само посредување… тоа не е доволно“, рече тој на прес-конференција во Киев.