
Најплатениот играч на Манчестер Јунајтед, бразилскиот играч за врска 32-годишниот Касемиро сака да остане во клубот до истекот на неговиот договор, иако доби скромна минутажа под водство на тренерот Рубен Аморим, објавија британските медиуми.
По успешната сезона во Реал Мадрид, каде што формираше среден ред со Лука Модриќ и Тони Крос што му донесе на „Кралскиот клуб“ пет титули во Лигата на шампионите, Касемиро се пресели во Манчестер Јунајтед во август 2022 година. Англискиот клуб плати отштета од 70 милиони евра, а неговиот договор е со важност до јуни 2026 година.
И покрај тоа што е најплатен играч на Јунајтед, со годишна плата од 23 милиони евра, Касемиро се најде во немилост кај новиот тренер Рубен Амори. Бразилецот не е во стартниот состав на „Црвените ѓаволи“ од декември, а само минатата недела заигра од првата минута во поразот од Тотенхем со 0:1, бидејќи тренерот Аморим не можеше да смета на 12-те играчи кои се на списокот повредени.
„Договорот ми истекува за една ипол година и би сакал да го дочекам до крај. Во Манчестер се чувствувам одлично, како и целото мое семејство. Што се однесува до моите минути, дефинитивно би сакал да играм повеќе“, рече Бразилецот.
Манчестер Јунајтед планираше да го продаде Касемиро во претстојниот летен преоден рок за да ги искористи парите за финансирање нови засилувања кои се вклопуваат во системот на тренерот Аморим. Рома изрази интерес да го ангажира како позајмен играч, но проблем беше неговата огромна плафа, а имаше богати понуди и од Саудиска Арабија, но Бразилецот ги игнорираше.
Манчестер Јунајтед е на 15. место во Премиер лигата, со 12 порази по 25 кола, што е нивен најлош рекорд од сезоната 1973/74, кога испадна од елитната дивизија.