
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ужива поддршка од 57 отсто, покажа анкетата објавена во средата, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека рејтингот на Зеленски е само четири отсто, пишува AFP.
Повикувајќи на одржување претседателски избори во Украина за да се добие легитимен претставник во веројатните идни преговори за прекин на војната со Русија, кои се забранети поради вонредната состојба, Трамп во вторникот рече, алудирајќи на Зеленски: „Тој е намалена на четири отсто поддршка“, пренесоа американските медиуми.
Таквата перцепција на американскиот претседател почива на претходно објавените процени во британскиите медиум според кои најголема доверба Украинците имаат во поранешниот врховен командант на украинската армија Валериј Залужни, кого Зеленски го смени од должноста и го испрати за амабсадор во Лондон.
Телефонската анкета на 1.000 луѓе на Киевски меѓународен институт за социологија покажала дека 57 отсто од испитаниците му веруваат на Зеленски, додека 37 отсто рекле дека не му веруваат, а останатите испитаници биле неопределени.
Анкетата, исто така, покажала дека довербата во Зеленски е зголемена за пет процентни поени од последната анкета спроведена во декември, и покрај тоа што Украина трпи постојани воени порази на фронтот.
Од март 2022 година, по руската инвазија, рејтингот на украинскиот претседател се зголеми на 90 отсто, според институтот. Зеленски успеа да „задржи прилично високо ниво на доверба“ меѓу луѓето, напишаа авторите на анкетата.
Коментарите на Трамп се одраз и на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека Зеленски не е легитимен претседател.
Според изменетиот украински закон, одржувањето на претседателски избори е забрането за време на вонредна состојба, која беше воведена на 24 февруари 2022 година. Во мирнодопски услови, мандатот на Зеленски ќе завршеше во мај минатата година.
Критичарите укажуваат на контроверзната клаузула во украинскиот устав, тврдејќи дека ниту еден претседател не може да ја извршува функцијата повеќе од пет години, но мора да остане на функцијата додека не биде избран неговиот наследник.
Зеленски претходно рече дека е невозможно да се одржат избори во овој момент, имајќи предвид дека милиони Украинци живеат во странство или се борат како припадници на војската, а безбедносните ризици се превисоки.
Авторите на анкетата велат дека „мнозинството од украинското население сè уште верува дека изборите треба да се одржат по војната“.