Кина ѝ ветува на Јужна Америка односи на доверба, наспроти барањата на САД

Кина секогаш ќе биде „доверлив“ пријател и партнер на Латинска Америка, му порача кинескиот министер за надворешни работи на својот боливиски колега, во време кога Пекинг и Вашингтон се обидуваат да го зајакнат своето присуство во регион традиционално во американската сфера на влијание.

„Латинска Америка е дом на Латиноамериканците, а не нечиј двор“, рече Ванг Ји, според соопштението од неговиот кабинет.

Боливија, која воспостави дипломатски односи со Пекинг во 1985 година, е меѓу бројните јужноамерикански земји кои економски се поврзаа со Кина преку задолжување и инвестиции.

Оваа земја богата со минерали ѝ должи на Кина, најголемиот кредитор во светот, повеќе од 1,7 милијарди долари, покажуваат податоците на Светската банка. Кинеските компании инвестираа уште шест милијарди, од кои најголем дел во металниот, енергетскиот и транспортниот сектор на Боливија.

Од друга страна, директните американски инвестиции во Боливија изнесуваат 430 милиони, главно во секторите за нафта и гас и производство, покажуваат податоците на Стејт департментот.

Кина и САД ќе се натпреваруваат за доминација во Јужна Америка во вториот мандат на претседателот Трамп, каде кинеските инвестиции, особено во енергетиката и инфраструктурата, го ослабуваат американското влијание.