Кремљ „целосно се согласува“ со позицијата на САД за Украина

Кремљ во четвртокот соопшти дека „целосно се согласува“ со ставот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за потребата брзо да се стави крај на конфликтот во Украина, ден откако Киев и Вашингтон разменија остри критики.

„Тие зборуваат за потребата да се воспостави мир што е можно поскоро преку преговори. Ние, исто така, веќе укажавме дека нашата позиција е подобра од онаа на претходната администрација и целосно се согласуваме со американската администрација“, изјави на брифингот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе AFP.

Кремљ, исто така, соопшти дека британскиот план за испраќање војници во Украина како дел од наводна мировна мисија би бил неприфатлив за Русија и дека со загриженост ги следи изјавите на британскиот премиер Кир Стармер, пренесе Reuters.

Британскиот премиер претходно рече дека е подготвен да испрати британски војници во Украина како безбедносна гаранција во случај да биде договорен прекин на огнот. Стармер планира да му претстави на Доналд Трамп план за испраќање до 30.000 европски војници во Украина во замена за американска заштита за тие сили, објави британскиот весник The Telegraph.

Песков рече дека предлогот е неприфатлив, бидејќи ќе ги вклучи силите на земја членка на НАТО и оттаму би имал последици за безбедноста на Русија.

„Ова нѐ загрижува бидејќи зборуваме за испраќање воени контингенти, за можно, евентуално испраќање воени контингенти од земјите-членки на НАТО во Украина. Тоа има сосема поинакво значење од перспектива на нашата безбедност. Многу внимателно го следиме“, изјави Песков на редовниот дневен брифонг за новинарите акредитирани во Кремљ.