
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска имаше средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, амбасадорот Жолт Бунфорд, на која што беше потврдена блиската и динамична соработка меѓу двете пријателски земји.
Во фокусот на разговорите беше европското досие на Македонија и спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка од Унгарија, особено видлива и гласна за време на нивното неодамнешно претседавање со Советот на ЕУ.
Муртезани и Бунфорд се согласија дека е неопходно да продолжат реформските процеси и да се искористат сите европски инструменти за институционален и економски развој, со што ќе се забрза европскиот пат на земјата. Беше нагласено и значењето на регионалната соработка, како клучен фактор за стабилноста и напредокот на Западен Балкан.
Министерот Муртезани и амбасадорот Бунфорд ја потврдија посветеноста за натамошно зајакнување на билатералната соработка и интензивната комуникација меѓу двете влади во насока на исполнување на заедничките европски цели.