Мерц вели дека ќе најде начин Нетанјаху да ја посети Германија

Мандатарот за германски канцелар Фридрих Мерц изјави во понеделникот дека го поканил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Германија и ќе најде начин да го стори тоа без да биде уапсен по налогoт на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

„Мислам дека идејата дека израелски премиер не може да ја посети Сојузна Република Германија е целосно апсурдна“, рече Мерц на прес-конференција ден откако неговите конзервативци освоија најмногу гласови на националните парламентарни избори.

Мерц рече и дека му кажал на Нетанјаху во телефонски разговор дека „ќе најде начин да ја посети Германија и да замине без да биде уапсен“.

Кабинетот на Нетанјаху објави дека израелскиот премиер му честитал на Мерц и дека веројатниот иден герамнски канцелар му рекол на соговорникот дека ќе го покани да ја посети Германија „и покрај скандалозната одлука на Меѓународниот кривичен суд да го прогласи за воен злосторник“.

МКС издаде налози за апсење против Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана и претставници на Хамас за наводни воени злосторства во Појасот Газа.

Сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучително и Германија, се потписници на Римскиот статут со кој е основан МКС, единствениот постојан меѓународен суд за воени злосторства и злосторства против човештвото на Обединетите нации, кој очекува земјите кои ја признаваат неговата јурисдикција на своја територија да ги уапсат оние што судот ги бара.