
Вкупно 51 кривично дело извршиле малолетни лица во Кочани во текот на 2024 година, што претставува зголемување од 104 отсто, односно двојно повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.
Податоците од Одделението за внатрешни работи во Кочани укажуваат дека околу 82 отсто од кривичните дела што ги извршиле деца и постари малолетници се тешки кражби и кражби. Во четири случаја имало насилство врз друго малолетно лице, при што еден случај е регистриран како силување малолетник. Исто така, евидентирани се и три разбојнички кражби и разбојништва и по еден случај на насилство и спречување службено лице во извршување задачи.
– Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2024 година се од и од македонска и од ромска популација, а тие најчесто биле и повторници во извршување на делата. Како повторници се јавуваат четири деца кои се над 14-годишна возраст, при што сториле три или повеќе кривични дела. Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантното однесување на децата, до Центарот за социјална работа во Кочани доставени се известувања за конкретни настани во кои како извршители се јавуваат 12 деца, со барање за постапување и преземање заеднички мерки, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Освен кај кражбите и насилното однесување, во текот на минатата година евидентирани се 10 малолетници како прекршители на Законот за јавниот ред и мир, кои учествувале во тепачки, во физички напад, во лажно пријавување, уживање наркотични средства и користење пиротехнички средства.
Во прекршувањето на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, полициските службеници регистрирале 21 малолетно лице за управување моторно возило без возачка дозвола, односно при управување мопед не носеле заштитен шлем или немале возачка потврда.