Мицкоски до ДУИ: Го знаете мојот број, донесете ги доказите за Меџити, во спротивно предупредувам дека продолжувате со сеење магла

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика ДУИ, да достават докази до него за корупцијата која тврдат дека ја направил вицепремиерот Изет Меџити. Мицкоски рече дека одма ќе ги даде на органите за да постапуваат. Но посочи и дека има доверба во Меџити, а за ДУИ повтори дека нивното второ име е „корупција“.

„Сите кои поседуваат било какви докази, за такво нешто, како што тврди ДУИ, еве мојот број сите го знаат, ако треба ќе напуштам состанок, за да ги видам докази и да ги дадеме на органите кои треба да постапуваат“

Тој упати предупредување до ДУИ.

„Треба да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сејат пердуви и да се занимаваат со магла оптоварена со корупција, кое беше нивно второ име во минатото. Главен атрибут им беше ТЦ Соравија, „Ролс-ројс“ автомобилите на сватовите, деловните простории на тогашниот шеф на кабинет на Ахмети и така натаму, можам една цела прес-конференција да ви ги редам скандалите. Тоа е Фројд, владее со нивната потсвест, јас имам доверба во работењето на господинот Меџити“, додаде Мицкоски.

Претходно се огласија од ДУИ.

„ДУИ повторно го осудува тешкиот корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што по контролата на Државниот управен инспекторат е потврдено злоупотребата на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет“, велат од ДУИ.

ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и против клучните личности во неговиот кабинет, вклучително и шефот на неговиот кабинет, за кој велат: „Со месеци води добро организиран систем на уцени и корупција во Министерството за животна средина“.