На Волстрит нов рекорд на индексот S&P 500

На Волстрит берзанските индекси благо пораснаа во вторникот, при што S&P 500 достигна ново рекордно високо ниво, но тргувањето беше неизвесно бидејќи инвеститорите чекаат вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Индексот Dow Jones порасна за 0,02 отсто, на 44.556 поени, додека S&P 500 порасна за 0,24 отсто, на 6.129 поени, а индексот Nasdaq за 0,07 отсто, на 20.041 поени.

Тргувањето беше неизвесно во текот на денот, а индексите се балансираа на работ на позитивна и негативна територија бидејќи инвеститорите не сакаа да преземаат ризици поради геополитичките несигурности во врска со мировните преговори меѓу Русија и Украина, кризата во Газа…

Во среда се очекува да биде објавен записникот од последната средба на челниците на американската централна банка, кога тие ги оставија каматните стапки непроменети поради високата инфлација. Неколку челници на Fed повторија во последните денови дека поради стабилниот економски раст и зголемената инфлација, каматните стапки би можеле да останат на сегашното ниво некое време.

Покрај тоа, Fed не сака да брза со намалување на каматните стапки, бидејќи се очекува зголемување на инфлацијата доколку американскиот претседател Доналд Трамп продолжи да ги зголемува царините, што изгледа многу веројатно.

Сепак, пазарот е поддржан од добри деловни резултати на компаниите. Досега, повеќе од 380 компании од индексот S&P 500 објавија извештаи за нивниот бизнис во последниот квартал од минатата година, при што 74 отсто од нив оствариле поголема заработка од очекуваната.

Аналитичарите сега проценуваат дека профитот на компанијата во изминатиот квартал пораснал за повеќе од 15 отсто на годишно ниво, додека на почетокот на годината очекуваа раст од околу 10 отсто.

„По продолжениот викенд поради празникот во понеделник, нема многу новости кои би можеле да влијаат на пазарот. Затоа, инвеститорите одлучија да направат пауза пред записниците на Fed во среда и кварталните резултати на малопродажните синџири на крајот на неделата“, вели Рајан Детрик, стратег во компанијата „Carson Group“.

Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Иако лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,01 отсто, на 8.766 поени, франкфуртски DAX зајакна за 0,20 отсто, на 22.844 поени, а париски CAC за 0,21 отсто, на 8.206 поени.