На повидок тешко формирање влада по изборите во Германија

Непосредно пред предвремените парламентарни избори во недела, анкетите сè уште покажуваат дека Христијанско-демократската унија CDU/CSU и нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц се во водство, но резултатите покажуваат дека формирањето влада може да биде долго и напорно.

Неколку анкети објавени во петокот покажуваат различни резултати што би довеле до различни можности за формирање коалиција по изборите.

Според истражувањето на институтот Forsa, Унијата CDU/CSU може да смета на поддршка од 29 отсто од гласачите. Во истражувањето на институтот Allensbach, спроведено за надрегионалниот дневен весник Frankfurter Allgemene Zeitung (FAZ), Унијата може да смета на зголемување од дури три процентни поена.

Во третата анкета објавена на јавниот радиодифузен сервис ZDF, само 28 отсто од испитаниците ја поддржале Унијата. Сите три истражувања се спроведени на сличен примерок од 1.500 испитаници и претпоставуваат можно отстапување од три процента, што го прави крајниот исход и особено можностите за постизборни коалиции многу отворени.

Во зависност од анкетата, на Унијата би ѝ требале само еден или два коалициски партнера, што би било многу тешко поради разликите за многу политички прашања.

Страв од „минус 30“

Изданието Spiegel Online анализира како во демохристијанска унија веќе постои страв од „минус 30“, односно каков и да е резултат под 30 проценти. Ова, според Spiegel Online, би ја ослабело позицијата на кандидатот за канцелар и претседател на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц.

Многумина веруваат дека токму неговиот ризичен потег пред неколку седмици, сметајќи на недоговорената помош на гласовите на крајно десната Алтернатива за Германија (AfD), да протурка закони за ограничување на миграцијата, ги активираше претходно неопределените гласачи да го дадат својот глас за една од партиите од левиот центар.

Во деновите по контроверзната иницијатива на Мерц во Бундестагот, стотици илјади луѓе излегоа на улиците низ Германија за да протестираат против соработката на партиите од десниот центар со десничарската популистичка AfD.

Ова делумно го оправдува закрепнувањето на партијата Левица, која пред неколку седмици беше под изборниот праг од пет проценти на анкетите, а сега е стабилно над прагот на анкетите, во некои анкети и на осум проценти.

Целта е „Големата коалиција

Затоа, целта на Унијата е резултат над 30 проценти за да се овозможи создавање стабилна таканаречена Голема коалиција со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) на актуелниот канцелар Олаф Шолц.

Иако демохристијанската опозиција беше постојан критичар на работата на социјалдемократската, зелената и либералната влада во последните три години, која пропадна на почетокот на ноември поради постојаните внатрешни спорови, Унијата сè уште има најмногу допирни точки, особено за чувствителното политичко прашање за намалување на нерегуларната миграција, со SPD.

Се проценува дека доколку SPD влезе во коалицијата, ќе преземе одредени кадровски промени, главно насочени кон заминувањето на актуелниот канцелар Шолц од водечките позиции поради неговата непопуларност меѓу гласачите. Многу подобри резултати во анкетите бележи актуелниот министер за одбрана Борис Писториус за кој се оценува дека ќе има важна улога во евентуална „Голема коалиција“, која досега само неколкупати е формирана во Германија по Втората светска војна со цел да се избегне политичка нестаилност.

Теоретски, можна е и коалиција со Зелените, кои слично како и SPD, се движат околу 15 проценти од поддршката на гласачите во анкетите. Но, Маркус Зедер, претседателот на помалата партија на Христијанско-демократската унија (CDU), баварската Христијанско-социјална унија (CSU), кој се противи на соработката со Зелените, со седмици води повеќе или помалку отворено непријателска кампања. „Со мене на чело на CSU, нема да има коалиција со Зелените“, изјави Зедер во неколку наврати.

Либералите се надеваат дека ќе влезат во коалиција со демогристијаните и социјалдемократите

Демохристијаните имаат повеќе допирни точки со либералите од Партијата на слободните демократи (FDP). за кои засега е под знак прашалник дали воопшто ќе влезат во новиот 21-ви состав на Бундестагот. Последните денови либералите се обидуваат да ги убедат гласачите дека коалицијата на CDU/CSU, SPD и FDP е најдоброто решение за земјата, иако минатата влада се распадна токму поради спорот меѓу социјалдемократите и либерал-демократите.

Конечните коалициски констелации зависат и од тоа дали новооснованата Унија на Захра Вагенкнехт (BSW), крајно левичарска анистаблишмент партија која произлезе од реформираната комунистичка партија Левица, ќе успее да влезе во Бундестагот.

Иако партиите од крајниот спектар од левицата и ид десницата, како што е AfD, која со месеци се движи околу стабилните 20 отсто во анкетите, најверојатно нема да бидат дел од идната влада, нивниот успех или неуспех, исто така, ќе одреди како ќе изгледа идниот кабинет на веројатниот канцелар Фридрих Мерц.

По спорната поддршка од AfD за време на гласањето во Бундестагот, кандидатот за канцелар на CDU/CSU, Фридрих Мерц, не пропушта прилика јавно да потенцира, а тоа важи и за бројните телевизиски дебати последните денови, дека соработката со AfD е „исклучена“ по изборите.

Главмните теми, сепак, остануваат миграцијата и економското закрепнување.

Иако по говорот на американскиот претседател ЏejДи Венс на Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд, предизборната дебата се измести во насока на надворешната политика и позицијата на Германија во новопојавените меѓународни констелации, главна тема на предизборните дебати остана прашањето за намалување на миграцијата и економското закрепнување на Германија.

Фридрих Мерц најави дека доколку изборниот резултат му даде мандат да формира влада, ќе се залага за формирање ефективна влада до Велигден, што годинава се паѓа на 20-ти април, што значи нешто помалку од два месеца по изборите.