
Во дербито на Источната конференција на НБА лигата, Бостон Селтикс ги совладаа Њујорк Никс со 118:105 во својата сала „Ти-Ди Гарден“.
Со оваа победа Бостон се зацврсти на второто место на Истокот со скор 41-16, додека Никс се едно скалило подолу со 37 победи и 20 порази. На врвот на конференциската таела се Кливленд Кавалирс со 46 победи и 10 порази.
Домашниот тим одлично влезе во натпреварот и по првата четвртина Бостон водеше со 19 поени разлика (38:19). На полувремето беше +21 (64:43), а во третата четвртина Селтикс го имаа своето најголемо водство од +27 (77:50).
Никс ја намалија предноста на само седум поени до крајот на третата четвртина, а на -4 на почетокот на четвртата четвртина (89:85), но Бостон „уфрли во брзина“ и побегна на 20 поени предност (113:93). На крајот дуелот го приведе во мирна завршница и конечните 118:105.
Џејсон Тејтум го предводеше победничкиот тим со 25 поени, 10 скока и девет асистенции. Џејлен Браун додаде 24 поени и осум скока, а Дерик Вајт 19 поени, девет скока и седум асистенции.
На другата страна најефикасни беа Карл-Ентони Таунс со 24 поени и 18 скока и Џејлен Брунсон со 22 поени.