
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми, и се разговара за се што е во интерес на граѓаните и државата.
-Во фокус ни е владината програма каде има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за владината програма, како што е економскиот развој, животниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата. За друго нема преговарање, нема политички договор, но како Влада, за се што е во интерес на граѓаните и државата, разговараме, дебатираме, про и контра, тоа е на ниво на разговори, нема табу теми…Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо, вели Меџити.
Во однос на тоа дали со владиниот партнер разговараат за тоа кој ќе биде нов државен обвинител, вицепремиерот Меџити рече дека во принцип не зборуваат за име туку дека тоа треба да биде професионалец кој треба да ја врати довербата на граѓаните во правосудството.
Тој потврди и дека доколку Министерството за правда го изготви предлогот за разрешување на актуелниот државен обвинител на кој забрзано се работи, тој ќе се најде на следната владина седница.
Во врска со изработката на законот за правична застапеност и кога тој може да се очекува во Собрание, Меџити одговори дека се при крај работите, но не прецизираше датуми. -При крај сме, нема да нагаѓаме денови. Се очекува последниот состанок, да се форматира Предлог законот, ќе бидете известени, вели Меџити, на новинарско прашање пред обраќањето на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Македонија“.