
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да спроведе „интензивни операции“ на Западниот Брег, по експлозиите во неколку празни автобуси во близина на Тел Авив вчера, се наведува во соопштение од неговиот кабинет.
Во експлозиите нема повредени, а полицијата ги истражува како можен терористички напад.
Израелската полиција соопшти дека три експлозии одекнале во автобуси во две населени места во предградијата на Тел Авив, при што биле пронајдени уште четири експлозивни направи. Локалните медиуми прецизираа дека сите автобуси биле паркирани во депоа.
Во истрагата учествуваат израелската армија, полицијата и безбедносната служба „Шин Бет“. Полицијата трага по осомничени и ги повика граѓаните на зголемена внимателност.
Досега никој не презел одговорност за нападите.
Нетанјаху синоќа одржа итен состанок со министерот за одбрана, воениот врв, директорот на „Шин Бет“ и полицискиот комесар.
Портпарол на полицијата изјави дека пронајдените експлозивни направи биле опремени со тајмери, а како превентивна мерка, сите јавни превозни средства се подложени на безбедносна проверка.
Во одговор на нападите, израелската армија најави зголемување на антитерористичките активности на Западниот Брег и блокирање на неколку влезни пунктови кон палестинските територии, без да прецизира кои.