Опкружувањето на Трамп сака да најде поприфатлив наследник на Зеленски

Дел од најтесното опкружување на американскиот претседател Доналд Трамп сака да најде покооперативен политичар кој би го наследил украинскиот претседател Володомир Зеленски, објави во понеделникот американската телевизиска мрежа ABC.

„Некои личности од опкружувањето на Трамп сакаат да го заменат Зеленски со поприспособлив наследник, кој ќе има помала веројатност да ги попречува контроверзните напори на Америка да наметне мировен договор“, го цитира телевизијата соговорникот близок до украинската влада.

Истакнал дека оваа идеја наводно потекнувала од оние кои проблемот го гледаат лично во украинскиот претседател. Според овој извор, изборот на поприфатлив за Вашингтон наследник на Зеленски ќе ги олесни натамошните преговори за решавање на војната со Русија.

Зеленски во саботата на прес-конференција по повод тригодишнината од почетокот на руската инвазија во Украина рече дека е подготвен да ја напушти претседателската функција во замена на членството на Украина во НАТО, што е една од причините Москва да ги упати своите сили во соседната земја. Зеленски уште рече дека неговата цел е да ја осигури безбедноста на Украина во сегашниот момент, а не во следните 20 години.

Неколку дена претходно американскиот претседател Трамп ги опиша политиките на Зеленски како исклучително лоши кои резултирале со разорување на неговата земја и мноштво мртви. Според него, Зеленски, исто така, не е заинтересиран за завршување на војната.