Општина Охрид со нова веб-страница за промоција на туристичките услуги

Општина Охрид креираше нова веб-страница  www.visitohrid.com.mk осмислена како начин за промовирање на туризмот и угостителството во градот и регионот. Од Општината упатуват повик до сопствениците на хотели, апартмани, приватни сместувачки капацитети, ресторани и винарии да се регистрираат и да ги презентираат своите бизниси пред пошироката публика.

Посочуваат дека со регистрирање на платформата ќе се зголеми видливоста на туристичко-угостителските услуги,  се овозможува директна врска со потенцијални гости и клиенти, подобрени можности за маркетинг преку насочени промоции, учество во настани за вмрежување и соработка.

Повикот е отворен за сите бизниси поврзани со угостителството и туризмот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на хотели, мотели и хостели, апартмани, куќи за гости и приватни сместувања, ресторани, традиционални меани и кафулиња, како и винарии и места за дегустација на вино, потенцираат од Општина Охрид.

Како рок за пријавување е наведен 15 март, додека повеќе информации како и адреса за поднесување на регистрацијата го посочуваат меилот [email protected].