Остар пад на Волстрит, неизвесноста надвладеа на светските берзи

Цените на акциите на светските берзи паднаа минатата седмица бидејќи инвеститорите стравуваа од трговска војна, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини, што може негативно да влијае на глобалниот економски раст.

На Волстрит, индексот Dow Jones потона за 2,5 отсто на 43.428 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,7 отсто на 6.013 поени, а индексот Nasdaq падна за 2,5 отсто на 19.524 поени.

Најмногу паднаа индексите во петокот, кога инвеститорите беа загрижени од серија податоци кои укажуваат на забавување на економскиот раст на САД и слабеење на расположението на потрошувачите.

„Деловниот оптимизам слабее поради зголемената несигурност“, вели Крис Вилијамсон, економист во „S&P Global“.

Ден претходно инвеститорите беа загрижени од деловниот извештај на „Walmart“. Иако резултатите од најголемиот трговски синџир во светот беа солидни, „Walmart“ објави дека очекува растот на продажбата во својата фискална година да биде само меѓу 3 и 4 проценти. Тоа е помал раст отколку што проценуваа аналитичарите и сугерира дека може да се очекува слабеење на побарувачката на потрошувачите.

„Со оглед на тоа што потрошувачката сочинува 70 отсто од американската економија, слабите насоки на Walmart доведе до нервоза за силата на потрошувачите и нивното идно трошење. Ова изврши притисок врз акциите на Walmart, кои потоа се проширија на целиот пазар”, објаснува Роберт Павлик, аналитичар во „Dakota Wealth“.

Закани со царини

Резултатите на „Walmart“, исто така, дадоа увид во тоа како компанијата ќе се справи со растечката листа на производи на кои американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе царини. Во средата, таа листа беше проширена за да вклучи градежни материјали, автомобили, полупроводници и фармацевтски производи.

Прашањето е дали другите економски сили, вклучувајќи ги Кина и Европската унија, ќе одговорат со зголемување на царините за увоз на американски производи, што би довело до трговска војна.

„Не можете да зборувате за неизвесност без да ги спомнете царините, нели? Насловите за тоа се многу измешани. Дали Трамп ги користи најавите за тарифи како алатка за преговори? Дали е сериозен во врска со тоа? На кого тоа ќе влијае“, вели Мајк Диксон, аналитичар во компанијата „Horizon Investments“.

Fed нема да брза со намалување на каматните стапки

Инвеститорите беа фокусирани и на записникот од последниот состанок на американската централна банка, кога ги оставија каматните стапки непроменети поради високата инфлација.

Записникот не донесе никакви изненадувања, покажувајќи дека челниците на Fed се загрижени за зголемената инфлација и можното влијание на политиките на Трамп, особено царините, врз нивните напори да ја спуштат инфлацијата на целните нивоа.

А тоа значи дека Fed најверојатно нема да продолжи да ги намалува каматните стапки во скоро време.

Пад на најголемите европски берзи

Цените на акциите минатата седмици паднаа и на најголемите европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,8 отсто, на 8.659 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1 отсто, на 22.287 поени, а париски CAC за 0,3 отсто, на 8.154 поени.

Сепак, индексот STOXX 600 на најважните европски акции благо порасна, деветта недела по ред, достигнувајќи нови рекордни нивоа во текот на неделата.