Палевски не се препознавал во снимките од домот на Велибор Манев

Адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски, Јовица Страшевски по презентирањето на доказите од страна на Обвинителството на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побара тие повторно да се изведат бидејќи, според него, во јавноста „се прави мислење само врз основа на нивното тврдење“. Тој праша зошто досега Обвинителството не ги доставило овие докази, иако ги имало од септември минатата година.

Како тоа на една од снимките за три секунди од ноќ станува ден, праша адвокатот на Палевски.

Тој првпат слушал дека имало неуспешен момент да се киднапира девојчето, иако тоа веќе неколкупати беше кажано на судењата.

Праша дали е ова дополнение на обвинението или нов обвинителен акт.

Палевски, пак, смета дека снимките се „неверодостојни и манипулирачки“.

-Последен пат со обвинетите сум бил на 5 мај, а не на 22 ноември. На снимките себеси не се препознавам. Невозможно е да не оставам траги во „кангуто“, а да оставам дури седум во „ренџ роверот“ со кој одев во Турција, рече Палевски.

Тој најави нови докази кои ги добил од свиркач од МВР, кој, според неговите зборови „наместо да биде награден е избркан од работа“.