Подгорица: Студентите упатија барања до премиерот на јапонски

Црногорските студенти, кои бараат смени на највисоките безбедносни функционери по смртта на тринаесет лица во масовното пукање во Цетиње, ги испратија своите барања до премиерот на јапонски, иронично надевајќи се дека тој ќе ги разбере подобро отколку на нивниот мајчин јазик.

Студентите бараат разрешување на црногорскиот министер за внатрешни работи Данило Шарановиќ и вицепремиерот за одбрана и безбедност Алекса Бечиќ, кои ги сметаат за политички одговорни за крвопролевањето на 1. јануари, кога жител на Цетиње во семејна кавга смртно застрела 12 членови на поширокото семејство и сограѓани.

На протест во Подгорица во саботата вечерта претставници на неформалната студентска група „Каде утре?“ преку разглас ги емитуваа барањата на јапонски за да ги слушне премиерот Милојко Спајиќ.

„Бидејќи нашиот премиер очигледно не ги разбрал добро барањата на црногорски, српски, хрватски и босански јазик, вечерва ќе ги повториме на неговиот мајчин јазик – јапонски“, рече Итана Драгојевиќ, една од членовите на студентската организација.

Премиерот Спајиќ зборува јапонски, бидејќи живеел и работел во Јапонија.

Студентите организираа веќе изминатите речиси два месеца неколку протести и блокади на патиштата во Подгорица.