Политизациија на јавното обвинителство во Република Македонија

Теоретски согледано, јавното  обвинителство како самостоен државен орган ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Своите активности јавното обвинителство треба да ги врши врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност на Уставот.

Така што, Јавното обвинителство, својата работа треба да ја врши законито, непристрасно и објективно, и да ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти… истиот треба да ја врши функцијата независно од полот, расата, бојата на кожата, националност и социјално потекло, политичко и верско уверување и слично.

Во овие рамки Советот на јавни обвинители како  самостоен орган  ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Се забранува политичко организирање и дејствување на Советот. Членовите на Советот не смеат да остваруваат партиска активност!?

Што покажува практиката, со конкретни примери

Во практиката спротивно на законот, општа е перцепција  како и во судството така и во Јавното обвинителство во Република Македонија е корумпирано-криминално, зависно од политичките партии на власт, односно подпаѓа под влијние на извршната власт. Има селективност и нема правна сигурност и дискриминација на донесени одлуки. Што не е европска обвинителска пракса.

Би навел (краток историјат) конкретни примери: Од моја страна е побарано до Основното јавно обвинителство Тетово, до каде е истражната постапка по предметот 1395/19 од 04.07.2019 година, заради постоење основано сомневање дека се злоупотребени парични средства од страна на носители на јавни функционери именувани од Владата. Имено, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на индустриска сопственост Сафет Емрули сите од Универзитетот Тетово – Правен факултет, кои во периодот од нивното стапување на функција, до сега имаат користено средства по основ склучување договори за давање интелектуални услуги на Универзитетот Tетово на Правниот факултет,  преку Македонската авторска агенција А.Д. Скопје, што е спротивно на Законот за високо образование и Законот за Влада.

Од страна на Управата на финасиска полиција сум известен дека, споменативе јавни функционери незаконски добиените  парични средства ги зеле, но отпосле, по откривањето на скандалот, ги вратиле на Универзитетот Тетово. Со тоа си го признале образовниот криминал. Од страна на ОЈО-Тетово, ме известуваат дека е оформен предмет КО.бр.516/19 и за истиот предмет се постапува.

Имено на 01.10.2019 година, од страна на Управата за финансиска полиција до ОЈО Тетово е доставен посебен извештај бр.17-2115/9 од 27.09.2019 година, постапката по однос на  предметот е во фаза на предистрага и се преземаат мерки и сите дејствија по однос на предметот, истовремено се чека преставник од Универзитетот Тетово да биде сослушан во својство на сведок во ОЈО Тетово…а за тоа време согласно законот за кривична постапка благовремено ќе бидам известен за донесената одлука. Поминаа  повеќе месеци нема никаков одговор од Јавниот обвинител Басир Алиу. Може само да се претпостави што се чека, кога согласно законот за кривична постапка е јасно и чисто. Сите индиции укажуваат дека има големи притисоци од некои јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство, како и од политичката партија ДУИ која е во Власта. Одговор очекувам од Советот на јавни обвинители. Писмениот одговорот добиен од Советот на јавни обвинители е јасен дека, Кривичната пријава се отфрла  и нема никаква правна постапка против јавниот обвинител Басир Алиу од ЈО-Тетово, како и  против  член на Советот на јавни обвинители Арбер Исаку. Скандал!

Втор пример, од моја страна е доставена Кривична пријава КО3788/19 од 28.11.2019 година до Основното јавно обвинителство Скопје, против правното лице Државниот просветен инспекторат и одговорнто лице Томе Спироски директор на ДПИ, за сторено кривично дело: Повреда од правата од работен однос согласно член 166 став 1 од Кривичниот законик. Очекував јавниот обвинител да постапи согласно законската постапка. Добивам одговор по Кривичната пријава од Основното јавно обвинителство Скопје, по неколку години, дека истата е застарена, поминати се сите рокови. Коментар не е потребен, Одговорот е ДНО-ДНА!

Како работи Основното јавно обвинителство – Битола

Трет пример, на 03.06.2022 година, до: Основното јавно обвинителство-Скопје-РО 249/22, Државната комисија за спречување на корупција-12-5560/1 и Управата за финансиска полиција – 1589/1, а во врска злоупотреба на парични средства од   Фондот за  функционирање и развој на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола (УКЛО), каде што наместо за развој на универзитетот, и студентите финансиските средства завршувале на лични сметки на ректор, проректори, генерален секретар на универзитетот и декани. Од горенаведените институции нема ни глас ни одговор. Од страна на Основното јавно обвиниелство од Скопје бев известен дека кривичната пријава е примена на 03.06. 2022 година, и веднаш е постапено, па јавниот обвинител од Скопје ја препратил на надлежно  постапување до Основното јавно обвиниелство Битола. Како што сум известен целиот предмет е  во Основното јавно обвиниелство во Битола. Зошто Основното јавно обвинителство Битола го премолчува предметот, може да се претпостави, а за сето ова е запознат  и претседателот на Советот на јавни обвиниели Антонио Јолески кој истиот доаѓа од Основното јавно обвинителство од Битола кој избегнува да одговори.Зошто?!

Почитувани читатели, за ваше запознавање

Поднесените пријави  до горенаведените институции од моја страна е сомнеж за криминал и корупција, а тие надлежни институции треба да испитаат дали има злоупотреба на пари од формираниот Фонд за функционирање и развој  на универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола. Па така, од тој фамозен Фонд за функционирање и развој на универзитетот, поранешниот ректор Сашо Коруноски за неколку години му се исплатени 1.997.595 денари или над 30.000 евра. На поранешниот проректор, а сега  ректор Игор Неделковски од овој Фонд  му се исплатени 525.953 денари или  нешто над 8.500 евра. Ако се отвори алатката „Отворени финансии“ ќе се види дека Неделковски под ставката патување во земјата-хранарина (дневници) исплатени му биле и по 10.000 денари. По околу 9.500 денари му биле исплаќани и под ставката други договорни услуги. Средствата му биле исплаќани од 2017 година (кога ректор бил Сашо Коруноски). На сметката на проректорот Љупче Кочоски (сега починат) му биле исплаќани 585.875 денари или  9.500 евра, а на сметката на проректорот (сега вработен на Филозофскиот факултет при УКИМ-Скопје) Марјан Ѓуровски му биле исплатени 690.000 денари или околу 11.000 евра. Пари им биле исплаќани и на генералната секретарка Офелија Христовска во износ 226.496 денари, потоа на деканот на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, а сега проректор на овој универзитет Цветко Андреевски, кому му се исплатени 158.800 денари, на деканот на Технолошко-техничкиот факултет Велес-Татјана Калевска исплатени 164.800 денари…

Од проверките што ги направив во Отворени финансии, речиси на сите членови на ректорската управа биле исплаќани од овој Фонд и тоа за исти ставки.

 Што работаат институциите

Кога лично се обратив до ДКСК и до Управата за финансиската полиција во Скопје, за тоа до каде се постапките од поднесените пријави, а тие велат:„ чекаме да добиеме на писмен одговор од Основното јавно обвинителство-Битола и ќе ви одговориме“?. Значи чекаат одговор и овие институции од Основното јавно обвинителство-Битола? Чудно, а вистинито! Чекам повеќе од 3 години,до ден денес нема никаков одговор ! Исто така се обратив, до Основното јавно обвиниелство  во Битола, до каде е постапката, само ми рекоа дека: „ го бараат поднесокот и кога ќе го најдат и ќе постапуваат“. Што ќе рече народот:„ Го изеле глувците“  Зарем е можно ова, кога ќе го најдат ќе постапуваат. Трагикомично, како ни работи обвиниелството во жална Македонија!. Но и покрај се’ не остапувам одам до крај. Останува да ги известам и  меѓународни институции!.

Ништо подобро не е и  во Основното јавно обвинителство- Охрид, кој на 04.06.2024 година, преку ОЈО-Скопје, поднесов две кривични пријави против актуелниот и поранешниот ректор на Универзитетот„Апостол Павле“-Охрид, за сомнеж за сторени кривични дела: злоупотреба на службена должност, организиран криминал и несовесно работење. Известен сум  од Јавните обвинители Елвни Вели и Исмаил Дарлишта, дека  истата пријава со допис  од 27.06.2024 година е пратена на надлежно постапување пред Основното јавно обвинителство Охрид, и дека биле известени дека по конкретниот предмет се превземаат дејствија и дека ќе бидам известен. Чудно! Не ми кажаа која година ќе добијам известување? Срам!

Специјално јавно обвинителство (СЈО)

Формираното Специјално јавно обвинителство (СЈО) или Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани  и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите е формирано како резултат со преслушкување во Македонија. Неговата задача беше да ги истражува и гони можните злоупотреби кои произлегуваа од прислушкуваните материјали кое беше формирано, со други зборови кажано СЈО  да го расчисти криминалот и корупцијата во Македонија и да биде поим за правда и правна држава. Ни се случи фијасно, скандали рекетирања кон бизнисмени корупции и вмешаност на првиот човек на СЈО- Катица Јанева. Произлегоа скандали со добивање на разни бонуси и парични средства од многу илјади евра на специјални јавни обвинители, нивни деца, блиски роднини, на деца од директори на јавни установи и слично. Скандал.

Што констатира Државниот завод за ревизија

Државниот завод за ревизија на Македонија, во својот извештај констатира дека СЈО исплатило 4,5 милиони евра за додатоци на плати од 2016 до 2019 година. Да бидам појасен за оние кои значеа поим  за правда,  СЈО стана резил на државата. Земале  дополнителни средства-бонуси за ризик во работата секој обвинител, соработници, пари за синови и ќерки на судии, обвинители, директори, високи лица во МВР кои земале „скромни“ парични средства во евра. Бонуси добивале бидејќи работеле во ризик. Абре копуци едни, зарем ние инспекторите просветни, трудови, пазаришни, градежни, здравствени  не работиме во  ризик. Тоа за вас не важи. Ова е дискриминација што се прави во нашава држава-СРАМ. Еве читатели, кои земале пари-бонуси покрај овие недопирливи обвинители-кои се срам на Македонија. Надомест добивал братучед на Рената Дескоска „скромни“ 60 илјади евра, Арафат Муареми кој беше Директор на финансиска полиција кој за две години добил 26.000 илјади евра, па 20.000 илјади евра ќерката на директорот на затворот на Шутка, па ќерката на директор на МЕПСО (стариот), па директор на катастар , па ќерка на обвинителка на СЈО…Е мој копуци, наместо да ги вратат парите и да се покрене кривични постапки, Јавното обвинителство, Јолевски, Рускоска молчат. А родителите и децата ќе ги омаловажуваме. Е вака во Европа неможе. Каде се моралните вредности. Дали знаете што е морал. Дали имате совесност и одговорност. Не. Ова е трулеж на системот.

Ова не можам, а да не го спомнам. На крај од заминувањето на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние да Ве потсетам на неговата изјава: „ вие испорачајте и ние ќе ви испорачаме“. Амбасадоре Ви  изразувам големо благодарам, на подршката која ми ја дававте да истрајам во мојата борба против сите притисоци кои ми се правеа од одговорните во институциите во Македонија.

И пример дека македонското општество е корупмирано и криминално, непотистичко и тешко некој да одговара. И со право од нас како држава кои претендираме за прием во европските интеграции се бара прво, да расчистиме со корумпираноста и криминалот и да се професионализираат и европеизираат нашите институции, да завладее правото.

Како се носеше Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители

Додека ја подготвував мојата книгата МАКЕДОНИЈА СО ХИБРИДЕН КРИМИНАЛЕН РЕЖИМ во 2021 година, во македонскиот парламент се одвиваше дебата за донесување на Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители (2020 г.). Мислењата беа поделени од една страна се предлозите на Владата (СДСМ-ДУИ), односно министерот за „правда“(Дескоска-Маричиќ), а од друга страна  опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) и експертските професори. Законот за јавно обвинителство, што се предлага како што говори професорот Гордан Калајџиев: „Законот има промашени работи…полн со будалаштини, вакви екскурзии се непримерни…“. Како што други исто така говорат од стручната и експертски професори дека: „Ваквите предлози на Власта, не и е до ЕУ и европските вредности, туку е поважна сопствената безбедност, на штета на граѓаните, невладеење на правото и правната држава“. Некои се фалеа дека во Законот за јавни обвинители го вметнале Бадинтер, односно бадинтеровото во изборот на јавни обвинители за гонење организиран криминал и корупција. Така при изборот на јавни обвинители, ќе биде одлучувачка етничката припадност, а не колку некој е стручен и способен (мерит системот). Тоа е тежок удар за владеењето на правото и правната држава. Се уште во Македонија единица мерка за нечие оценување и вреднување  е етничката припадност кон одредена заедница. Секаде на друго место тоа е стручноста, компетентноста, конкурентноста. Јас би додал дека ваквото донесување на Законот за јавно обвинителство по скратена постапка е чудна, од причина што примената на законот ќе биде после неколку месеци. Чудно и скандалозно. Ова не е европска пракса. На потег е Уставниот суд, Венецијанската комисија па и Меѓународниот суд за европски човекови права.

Партизирана Академијата за судии и обвинители во Македонија

Изминатите години од авторитарното владеење на СДСМ и ДУИ беше обележано и со силна партизација на судско-обвинителскиот систем и тоа по неколку основи: партизација на кадрите кои се примаат во Академијата за судии и обвинители со целосна инволвираност на директорката на Академијата – проф. д-р Наташа Габер Дамјановска. Да! Во оваа Академија за судии и обвинители, еден ден треба да биде под целосна ревизија и посебно да одговара пред судовите за скандалозните списоци за кандидати за судии и обвинители, а во кои списоци посебно има партиско влијание и непотизам (деца на судии и обвинители, роднини, пријатели на партиската врхушка итн…). Нашиот народ вели: рибата смрди од главата. Преку строго контролирани избори за слушатели на обуката во Академијата се создава основа понатаму партиските и непотистички кадри да пресудуваат и обвинуваат на сосема сомнителен начин, од устата на нарачетелите како знак на благодарност за тоа што ја облекле обвинителската или судската облека. Ова е првото срамно ниво со кое се поткопуваат темелите на едно посакувано, чесно и честито судство и обвинителство. Многу често се прави забуна и сите напади се насочуваат кон судството, а се заборава на обвинителството кое доколку работи професионално нема да доведува до тоа во судската практика да се провлекуваат случаи кои се надвор од здравата логика! Но, Наташа Габер Дамјановска не е сама. Тука се и некои ликови кои успеваат во сите власти да се протежираат и да ги цицаат институциите, како на пример:

  1. Лазар Нанев, (бил претседател на управен одбор на Академијата), кој истовремено е и Претседател на Основниот суд во Кавадарци, а е познат и по тоа што е љубител да членува во комисии, како онаа со која се испитуваше функционирањето на АКМИС системот во судството. Но, неговите апетите не запираат тука. Во слободно време е и професор на Правниот факултет во Штип, а во едно друго време добро се позиционираше и во Фудбалската федерација на Македонија, за што потребно е да се истражи дали му се исплаќани средства од Федерацијата и по кој основ!!! Сето ова барам да се провери заради доследно почитување на презумпцијата на невиност, бидејќи не би сакал некому да нанесам ниту една дамка во „ богатата“ кариера.
  2. Сашо Рајчев, кој не му било доволно што бил шеф на скопското обвинителство, туку станал член и на овој управен одбор. Но, овој обвинител не се задоволил со тоа, така што заради заслуги е унапреден и во Виш обвинител во Скопје. Па, се поставува прашањето дали треба и понатаму да биде член на управен одбор на Академијата тоа од проста причина што повеќе не раководи со скопското обвинителство, туку е во Вишото јавно обвинителство? Дали менаџментот на Академијата, свесно или несвесно, не ги ажурира податоците во веб сајтот на Академијата е друго прашање, кое само ја покажува нивната совесност, професионалност и одговорност!
  3. Миле Петков, кој раководи со јавното обвинителство во Струмица исто така е член на Управен одбор на Академијата. Сосема нормално! Струмица сега е извор на кадри способни за се, луѓе за се! Но, Миле Петков како проверен обвинител на власта не изостанува да биде и член на комисии за отстрел на негови колеги. Времето ќе биде најдобар сведок за секое однесување, бидејќи ништо не се заборава и како што покажува историјата се тече се се менува.

Има уште многу, но редно беше најбитните посебно да ги испочитувам. Секако, дека, не треба да се заборави ниту Програмскиот совет на Академијата, на чело со кого ако не со проф. д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет во Скопје.

Следно ниво, кое има најголема вина за политизација на судството е Судскиот совет со кој раководи Павлина Црвенковска, која е позната по тоа што нема пресудено ниту еден случај во својата кариера, затоа што врв во нејзината кариера е нејзината позиција судски советник во Апелациониот суд во Скопје. Од поинтересните членови на Судскиот совет би ги навел:

  1. Киро Здравев, чие што работење во Врховниот суд еден ден потребно е посебно да се истражи во контекст со судбината на негови колеги врховни судии кои заради членство во одредени совети експресно беа разрешени????
  2. Лорета Горгиева, која доаѓа од судот во Струмица за да му помогне на премиерот (Зоран Заев) во конечното средување на судството. Да, таа во судството ќе помага, а нејзиниот сопруг е долгогодишен директор на комуналното претпријатие во Струмица и кандидат за градоначалник во Струмица, кој според мислењето на струмичани од кандидат не отишол подалеку. Работењето на Лорета од аспект на транспарентното работење посебно привлекува внимание кај мене како граѓанин кој долго време пишува за партизацијата на судството.

Следно ниво е Советот на јавни обвинители и бројните афери кои се поврзуваат со ова тело. А, таму каде има афери нема професионалност и отчетно работење.

Во македонската јавност се актуелни врховниот судија Наќе Георгиев и Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, барале поткуп и Иџет Мемети доби една година условно. Ова во мојата книга го обаснувам како „Трулеж на системот во Македонија“. Јас не сум изненаден за Иџет Мемети сум пишувал за него уште во 2020 година (26.10.2020 година), институциите предводени на СДСМ и ДУИ немаа слух и разбирање, па за  се помош барав од амбасадите во Република Македонија, кои наидов на рабирање. За сето ова е пишувано   во мојата книга „Македонија со хибриден криминален режим“ под наслов: Лагите и манипулациите на Иџет Мемети, а сега најново е Парите, лагите и манипулаците на Иџет Мемети, па му ја препорачав да ја прочита Иџет Мемети и неговио „брат“ судијата Наќе Георгиев, да ја прочитаат книгата: „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле. Ќе им биде корисна во понатамошниот живот.

Судството и обвинителство со овие личности не може да има интегритет и не може да опстои како професионално и со интегритет. Итно е потребно генерален реизбор на судиите и обвинителите со вклучување на експерти од меѓународната заедница и преку прочистување да се овозможи владеење на правото. Доколку не се направат радикални реформи се соочуваме со опасноста овие партизирани институции да ги поткопаат темелите на демократијата. Човековите слободи и права се обична фраза, институците на судството и обвинителство се карикатури какви што не се среќаваат ниту во најмодерните стрипови.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес