Премиер лига: Ливерпул супериорен на „Итихад“, Сити тоне во кризата

Фудбалерите на Ливерпул направија уште еден голем чекор кон освојување на англиското првенство, откако го совладаа актуелниот четирикратен шампион Манчестер Сити со 2:0 на гостински терен во неделното дерби од 26. коло на Премиер лигата.

Головите за 19-та сезонска шампионска победа на тимот на Арне Слот ги постигнаа Мохамед Салах во 14. минута и Доминик Шобошлаи во 37.та минута. За голот на Салах му асистираше Собошлаи, а потоа Египјанецот возврати.

Иако избраниците на Пеп Гвардиола статистички имаа двојно повеќе удари (16-8) и повеќе шутеви во рамките на голот (5-4), впечатокот беше дека гостите беа далеку поопасни и поконкретни кога ја имаа топката во своите нозе, а покажаа и поголема прецизност во завршницата од акциите. Притоа, на двете страни беше поништен по еден погодок, поради недозволена позиција.

Водечкиот Ливерпул сега има 64 бода од 27 натпревари, додека второпласираниот Арсенал има собрано 53 бода од 26 натпревари. Нотингем Форест е на третото место со 47 бодови, а Манчестер Сити е четврти со 20 бода помалку од Ливерпул.

Претходно во неделата фудбалерите на Њукасл Јунајтед за само 11 минути ги постигнаа сите четири гола во победата од 4:3 (4:1) на домашен терен против Нотингем Форест.

Хадсон-Одои ги доведе гостите од Нотингем во предност во 6. минута, а домашните меѓу 23. и 34. минута постигнаа четири гола. Мајли израмни во 23. минута, Марфи во 25. минута погоди за 2:1, а потоа првиот стрелец на Њукасл Александар Исак постигна два гола – во 33. минута од пенал и во 34. од слободен удар. Гостите во вториот дел го ублажија поразот со головите на Миленковиќ во 63. и Јејтс во 90. минута.

Со 13-та победа оваа сезона, Њукасл дојде до 44 бодови и скокна на петтото место, израмнувајќи се со четвртопласираниот Манчестер Сити. Нотингем Форест е трет со 47 бодови.