
Немаше победник во однапре одиграниот натпревар од 29. коло на англиската Премиер лига во Бирмингем, а Астон Вила и Ливерпул одиграа нерешено 2:2.
Ливерпул и натаму е прв и со натпревар повеќе има осум бода предност пред Арсенал. Астон Вила остана на деветтата позиција.
Првиот гол беше постигнат во 29. минута, а по киксот на домашните играчи Мохамед Салах погоди за 1:0 на гостите. Но, Астон Вила воопшто не се обесхрабри од тој гол и до одморот го сврте резултатот во своја полза.
По големата мешанница во гостинскиот шеснаесетник, Тилеманс погоди за 1:1 во 38. минута, додека во судиското надополнување на првото полувреме, најдобриот стрелец на Астон Вила, Воткинс со глава стрелаше прецизно за 2:1.
Второто полувреме започна со ударот на Диого Жота во рамката од голот, но во 61. минута Ливерпул сепак израмни со голот на Александер-Арнолд. Осум минути подоцна, Дарвин Нуњез имаше совршена шанса за пресврт на гостите, но наместо да го погоди празниот гол, шутираше над пречката.
До крајот на натпреварот и двете екипи имаа добри шанси, но ниту една од нив не ја претворија во погодок. Во последната минута од судиското надополнување, Мален одлично шутираше, но за жал на домашните навивачи, топката помина покрај голот.