Приложени шест ЦД дискови со видеа од безбедносни камери на судењето за убиствата на Вања и Панче

Со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството денеска во Основниот Кривичен суд Скопје продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Во судница се изведуваат шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24 часовен надзор, кои Судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати да бидат дополнително изведени по предлог на Обвинителството.

Пред почетокот на денешното рочиште Судот го отфрли како неосновано барањето на првообвинетиот Љупчо Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски. Причините поради кои Палевски бараше изземање, се, како што рече, злоупотреба на дејствувањето и пристрасност.

На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.

Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.

Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.