Промовирани национални „Водичи за дијагноза и лекување на малигни и бенигни хематолошки заболувања“

Со Водичите, поставаме пат по кој полесно ќе се движат идните генерации лекари

Здружението на хематолози на Македонија (ЗХМ) на специјален научен симпозиум кој се одржа деновиве, го промовираше првото комплетно издание на „Водичи за дијагноза и лекување на малигни и бенигни хематолошки заболувања во Република Северна Македонија”.

Стандардизацијата во пристапот во дијагностиката и третманот на хематолошките заболувања се клучни за подобрување на грижата за пациентите. Овие Водичи се драгоцен ресурс за медицинската заедница, велат од Здружението.

Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис претседателка на ЗХМ ,вели дека Водичите се значаен чекор во унапредувањето на македонската хематолошка дејност, а се резултат на повеќегодишна посветеност и заеднички напори на македонските експерти во областа на хематологијата кои ќе придонесат за подобрување на здравствената заштита на пациентите со хематолошки заболувања.

  • Неверојатно е важно да се вложува во стручната литература. Со изработката на Водичите, поставаме пат по кој полесно ќе се движат идните генерации лекари, целата стручна јавност, па и пациентите, изјави проф. д-р Пановска Ставридис.

Хематолозите од здружението велат дека нивниот фокус е пациентот, навремената дијагностика и современ третман кои водат до подобар клинички исход и поквалитетен живот за пациентот и за неговото семејство.

Водичите не само што ја претставуваат најновата стручна литература, туку се и потврда дека македонската хематологија чекори напред кон современи и ефикасни методи на третман, во согласност со најновите светски достигнувања во медицината

Научниот симпозиум одржан по повод промоцијата беше збогатен со неколку едукативни предавања од експерти во својата област од Хрватска, Словенија, Србија и Албанија.

.