
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација, деновиве присуствуваат на протоколарна средба во турскиот град Бејликдузу, во рамките на која беше потпишан протокол за побратимени градови помеѓу Битола и Бејликдузу.
Протоколот го потпишаа градоначалниците на Битола, Тони Коњановски и на Бејликдузу, Мехмет Мурат Чалик, а истиот вклучува развивање на соработка во социјалните, економските и културните области.
Во своето обраќање, градоначалникот Коњановски, потсети на историската поврзаност меѓу двете земји, како и големата соработка која континуирано се негува:
„Најубавата песна за Битола е напишана од жител на градот, Турчин по националност, кој во 1956 година се иселил во Турција, но никогаш не го заборавил својот роден град и луѓето кои ги сакал и почитувал. Песната “Битола мој роден крај“ ја напишал на македонски јазик со што оставил вечна врска со жителите на градот и Македонија и станал нераскинлив дел од историјата на овој град!
Почитуваниот Ајри Демировски, е прогласен и за почесен граѓанин на Битола.
Преку културата и традицијата, доаѓаме и до новото време, во кое со почит се грижиме за историските споменици, но истовремено ги зајакнуваме и нашите врски, ја зголемуваме соработката и создаваме нови можности за развој и напредок.
Општина Битола, веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји, развиваат добри односи, а минатата година, потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“ што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници. Од неодамна, ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно Турската компанија за производство на лифтови „ARLIFT“, која заедно со бизнис партнери од Битола, одлучи да инвестира во Индустриската зона „Жабени“ во Битола.
Денес, започнуваме уште едно ново и важно поглавје, како за соработката помеѓу двете земји, така и за идните планови за двата градови, Битола и Бејликдузу. Верувам, дека, како што стои и во самиот протокол за побратимени градови, дека нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и културните области“, рече во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Двете страни се согласија да развијат соработка меѓу: административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.
Соработката меѓу двете општини ќе ги вклучува следниве активности: споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените, доколку е потребно, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.