
Раководството на Реал Мадрид ќе му понуди нов договор на капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ за уште една сезона, иако во септември ќе наполни 40 години, објави денеска Никола Скира, истакнат италијански новинар и експерт за трансфери на фудбалери.
Во објава на социјалната мрежа Икс, италијанскиот инсајдер наведе дека Реал сака да го задржи својот капитен и следната сезона и дека ќе му понуди договор до летото 2026 година. Исто така, се наведува дека Модриќ сака да ја продолжи својата играчка кариера, бидејќи сонува да се појави со хрватската репрезентација на Светското првенство во 2026 година.
Модриќ постигна гол во вчерашната победа на Реал од 2-0 против Џирона, а тренерот Карло Анчелоти по натпреварот изјави дека хрватскиот ветеран треба да продолжи да игра за европскиот шампион додека сака.
„Модриќ треба да продолжи додека сака. Тоа што го прави, го прави многу добро. Тој е подарок за фудбалот поради неговата сериозност, квалитет и професионалност“, рече Анчелоти.
Модриќ е во Реал Мадрид од 2012 година и оттогаш освои бројни трофеи, вклучувајќи шест титули во Лигата на шампиони и четири титули во шпанската лига.