Сакаме да работиме заедно за мир во Украина, порачаа Трамп и Макрон

И покрај нивните огромни разлики во ставовите, Доналд Трамп и Емануел Макрон во понеделникот изјавија дека сакаат да работат заедно за да се стави крај на војната во Украина, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија во соседната земја.

Францускиот претседател, кој беше примен од неговиот американски колега во Овалната соба, вети разговори насочени кон постигнување „траен“ мир и изрази надеж за „силен“ американски ангажман во овој поглед.

Доналд Трамп на прес-конференцијата се пофали со неговиот „посебен“ однос со францускиот колега и тврдеше дека непријателствата би можеле да завршат за „неколку седмици“.

Американскиот претседател смета и дека потпишувањето договор со Украина за пристап на САД до ретките минерали во таа земја е „многу блиску“.

Во понеделникот беа обелоденети контурите на споменатиот договор, со кој Трамп всушност сака да осигури поврат на, како што тврди, помошта од 500 милијарди долари за Киев во оружје и финансии.

„Договорот за фондот предвидува дека придонесот на Украина ќе биде 50 отсто од приходите генерирани од природните ресурси, инфраструктурата и другите средства на земјата додека вкупните ресурси на фондот не достигнат 500 милијарди долари“, се вели меѓу другото во документот.

Според нацртот, Киев ќе треба да придонесе во фондот двојно повеќе од износот на средствата доделени од САД по склучувањето на договорот;
фондот ќе работи како комерцијален субјект, при што управувањето ќе биде пренесено на Министерството за финансии, Министерството за трговија и Канцеларијата на потпретседателот на Соединетите држави; Контролните механизми мора да ја исклучат можноста за прекршување на режимите на санкции и други рестриктивни мерки; Договорот ќе стане дел од архитектурата на долгорочните мировни договори и е насочен кон привлекување приватни инвестиции во обновувањето на украинската економија; Вашингтон очекува фондот да биде алатка за забрзана реконструкција и за заштита на американските економски интереси во Украина.

Трамп рече и дека посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа за ратификување на договорот е дури можна, „оваа или следната седмица“.

Трамп го гледа тоа како начин САД да ги надоместат трошоците направени од воената поддршка за Украина од руската инвазија во 2022 година, но се претпоставува дека се пресметани американските средства вложени пред и веднаш по насилното преземање на власта во Киев во март 2014 година, поддржано од Вашингтон и неговите западноевропски сојузници.

Републиканецот, кој првенствено смета на дијалог со рускиот претседател Владимир Путин за запирање на борбите, тврдеше и дека рускиот претседател ќе се согласи на идното распоредување на европски трупи во Украина, но избегна прашања за безбедносните гаранции што Вашингтон на крајот ќе им ги даде на овие војници.

Макрон рече дека Европа е подготвена да обезбеди безбедносни гаранции за Украина, вклучително и мировните сили, во случај на прекин на огнот, како и дека со Велика Британија веќе имаат подготвен план за таква операција.

Москва повеќепати преупреди дека за неа е целосно неприфатлива таква мисија која предвидува распоредување војски на земјите кои му испорачуваат оружје на Киев со кој се убиваат руски цивили и во југоисточните проруски украински региони и во самата Русија.