СДСМ: Меџити спроведува робусна партизација со 3.000 партиски кадри, а Мицкоски молчи

Вицепремиерот Изет Меџити најавува робусна, историски најголема партизација на институциите со вработување на 3.000 партиски кадри во администрацијата а премиерот Христијан Мицкоски молчи, критикуваат во неделата од опозициската СДСМ.

Во партискот соопштение се вели дека министерот за здравство Арбен Таравари рекол дека „прво треба да се решат етничките прашања а потоа да се зборува за економија“.

„Меџити има стратегија за вдомување прво на партиските кадри. А Мицкоски си молчи. Молкот на Мицкоски значи дека робусната операција за партизацијата на администрацијата е веќе договорена работа пред изборите.

Ова е скандал од огромни размери, кој говори дека зад лажниот патриотизам се крие систем на клиентелизам и корупција и затоа мора да има одговорност“, се вели во соопштението.

СДСМ бара веднаш да бидат запрени сите вработувања во јавната администрација, целосна истрага за овој скандал и постапка од Државната комисија за спречување корупција.