Се усогласуваме со новите директиви на ЕУ за контрола на индустриското загадување, вели Меџити

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска беше дел од официјалното затворање на проектот за зајакнување на административните капацитети во национално и локално ниво, за ефективно спроведување на европското законодавство од областа на индустриското загадување.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити, на завршниот настан на кој присиуствуваа и партнерите на проектот – амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас и амбасадорката на Грција Софија Филипиду, се заблагодари на Европската Унија за поддршката што ја добива земјава во подготвителните активности за пристапување кон Унијата.

-Новата Директива за индустриски емисии преставува главен инструмент за превенција на емисиите од големите индустриски активности. Применува интегрален пристап, што има за цел спречување и намалување на загадувањето на животната средина од сите аспекти како што се воздухот, почвата, водата, употреба на ресурси, енергија, како и генерирање на отпад од самите индустриски активности. Исто така, ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола базирајќи се на построга примена на „најдобрите достапни техники, изјави Меџити.

Новата Директива заменува седум претходно постоечки директиви поврзани со индустриски активности и пропишува обврзувачки услови за работа на инсталациите во построга мера од барањата што важеле во претходното законодавство на ЕУ.

Вредноста на проектот е еден милион евра со траење од 24 месеци, а започна со спроведување на први март 2023. Партнер во реализацијата беше Република Грција преку Центарот за интернационално и европско економско право.

Проектот беше составен од три компоненти, во рамките на кои се подготови примарно и секундарно законодавство во согласност со новата Директива, што подразбира изготвување на Закон за контрола на индустриски емисии и подзаконски акти што произлегуваат од него и зајакнување на капацитетите на централната и локалната администрација за правилна имплементација на новите законски одреби преку изработка на прирачници и упатства за практично спроведување на Директивата, преку одржување на обуки, работилници и семинари, како и преку анализирање, процена и изработка на пилот А и Б Дозволи.