Сите „профилни“ на македонската дипломатија

Дали оној несреќник што не’ претставува во Ватикан кој на Фејсбук длабокоумно проценил дека „арен е човекот“, мислејќи за Папата Франциск, стварно може да одговори на промена? Чисто се сомневам. Зашто можеби неговата „светост“ е арна, ама тој дефинитивно не е. Затоа е потребно итно реконфигурирање на македонската дипломатија и нејзино интелектуално и оперативно ресетирање, ако сака да ја следи промената во нашата надворешна политика.

Надворешно политичките одлуки што беа носени во последните години не само што ги обликуваат политичките опции на новата власт, туку ќе имаат долготрајни ефекти врз статусот на државата во меѓународните односи. Велат дека како ќе ги дефинирате вашите национални интереси, така ја дефинирате вашата земја. Од тоа како беа досега дефинирани, ни оставија држава во срам. Бесрамноста стана главна карактеристика на македонската надворешна политика. Срамот е губење на образот: кога го немаш, нема што да изгубиш. Ако пак го оценуваме квалитетот на процесот во кој се носени надворешно политичките одлуки од претходната власт, не знам кој не би се согласил со мене (освен, можеби, поранешниот Фејсбук министер за надворешни работи) дека резултатот од водењето на стерилна и сервилна надворешна политика со која идентитетски се обезличи државата е за осуда, која опсервација автоматски имплицира дека надворешната политика на Македонија досега е чисто промашување и неуспех. Тоа е наследството во надворешната политика што го доби новата власт.

Слушајќи го премиерот Мицкоски на неговите настапи на Минхенската безбедносна конференција и во Вашингтон, веќе немам дилема дека оживува концептот на национален интерес кој целосно испадна од употреба со претходната власт, враќајќи го чувството дека Македонија почнува да функционира како независен актер во меѓународниот систем. Дали ова значи дека гледаме фундаментални промени во надворешната политика на Македонија која ја чекавме со промената на власта? Зошто позицијата на Македонија во меѓународните односи беше сведоштво за немоќта на државата да ги наметне националните интереси како јавна декларација за нејзините потреби и намери, со цел да се одговори на предизвикот на тектонските поместувања што се случуваат во глобалниот свет денес. Затоа ваков ресет во надворешната политика беше повеќе од нужен, во услови кога многумина беа скептични дека скоро е невозможно да се разведеме од сервилното минато на нашата надворешна политика. Секому веќе му е јасно дека останувањето на тековната траекторија во надворешната политика можеше да ја постави сцената за катастрофална иднина на државата во меѓународните односи.

Гледам како некои се „згрозени“ од можноста македонската влада да заземе поагресивен пристап во надворешната политика, со цел да ги реконструира националните интереси да одговорат на промените што се случуваат во светот. Тоа е таа сервилност пуштена на најако. Однесувањето на актуелната влада на меѓународната сцена покажува дисконтинуитет со неодамнешното минато, вклучително и постојаното прибегнување кон урамнотежување на националните интереси меѓу конфликтната лојалност и различните надворешно политички приоритети. Без големи потреси на системот, надворешните настани тешко дека ќе може да се филтрираат преку постоечката стратешка парадигма, која досега се сведуваше на потврда на дилетантизмот и глупоста во надворешната политика. Затоа итно ни требаше промена во „безалтернативната“ надворешна политика, која сега се обидува да преземе иницијатива, наместо да ги следи другите. Убаво е да се види како конечно од консумент во меѓународните односи стануваме активен актер, кој се грижи за националните интереси во тие односи. Само така ќе ја заслужиме почитта на другите и нема да останеме „мали“, како што ни беше сугерирано досега однадвор, а богами, и одвнатре. Зашто секогаш е подобро да бидеш свој господар во надворешната политика, отколку сервилен ученик на големите.

Дали некој се запрашал дали е можно Македонија ефективно да ги презентира своите нови позиции пред светот со дипломати и дипломатија која ja легитимираше досегашната сервилна надворешна политика? Системот кој служи на надворешната политика е очигледно бавен, кратковид и реактивен, дури и таму каде што не беше голо партиски поставен, сведувајќи се повеќе на дипломатски поштенски превозник отколку архитект на државниот занает на Македонија. Дипломатија самата дозволи да биде доведена во срамна состојба, прифаќајќи да служи на една политика која ги доведе под прашање државните позиции на Македонија во односите во меѓународниот систем, станувајќи импотентен да не претставува пред светот. Со ваква дипломатија и дипломати надворешно политичкото нишало оддамна премина од достоинствено до одвратно и примамливо понижувачко, хипервентилирајќи го интересот на политиката, наспроти јавниот. Дипломатската сервилност беше  и остана, заедно со дипломатскиот кукавичлук, „јаката“ страна на медалот на таквата дипломатија.

Да се разбереме, кога зборувам за македонската дипломатија во овој контекст мислам на една недефинирана структура на луѓе која егзистираше како инертна безидентитетска маса и која не се развиваше од „инструмент на принцот на Барбаро до државен слуга на Талеран, кој признава дека Наполеон доаѓа и си заминува, но дека интересите на Франција се вечни“. Оваа дипломатија се развиваше преку промена на профилните слики на своите Фејсбук статуси со цел да се додвори на тековниот лидер, па не можеш да очекуваш од луѓе со функционални дефекти да одговорат на последниот гамбит на Премиерот со менување на курсот на надворешната политика. Дали оној несреќник што не’ претставува во Ватикан кој на Фејсбук длабокоумно проценил дека „арен е човекот“ мислејќи за Папата Франциск, стварно може да одговори на ваквата промена? Чисто се сомневам. Зашто можеби неговата „светост“ е арна, ама тој дефинитивно не е. Затоа е потребно итно реконфигурирање на македонската дипломатија и нејзино интелектуално и оперативно ресетирање, ако сака да ја следи промената во нашата надворешна политика. Само така поконтемплативната страна на македонската дипломатија може да биде поткрепа на нејзината поцврста оперативна страна, градејќи ја својата способност да ги промени околностите во меѓународното опкружување, а не само да ги опишува, или едноставно да се справува со нив.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес