
Манчестер Сити има намера да стави осум играчи на трансфер листата во претстојниот летен преоден рок, објавија британските медиуми.
На листата на оние на кои повеќе не смета тренерот на Пеп Гвардиола е долгогодишниот главен креатор во средниот ред Кевин де Брујне (33), кој е на клупата во поголемиот дел од оваа сезона. Неговиот договор истекува во јуни оваа година и се очекува кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија. Во јуни истекува договорот на играчот од средниот ред Илкај Гундоган (34), а тој исто така ќе го напушти Сити.
Гвардиола ќе се ослободи и од дефанзивецот Кајл Вокер (34). Тој во јануари замина на позајмица во Милан и се очекува италијанскиот клуб да го откупи неговиот договор за осум милиони евра.
Најскапото засилување во историјата на клубот, играчот од средниот ред Џек Грилиш (29), за кого Сити во 2021 година ѝ плати на Астон Вила 117 милиони евра, оваа сезона само шест пати беше во стартниот состав во Премиер лигата. Тој треба да биде најскапиот „експонат“ што летово „Граѓаните“ ќе го понудат на продажба.
Двајца 30-годишници, играчот за врска Бернардо Силва и дефанзивецот Џон Стоунс, исто така ќе се најдат на списокот на оние на кои повеќе не смета тренерот Гвардиола, пренесуваат британските медиуми. Нивните договори истекуваат во јуни 2026 година.
Подмладувањето на „Граѓаните“ трае веќе неколку сезони, па столбови на одбраната остануваат хрватскиот репрезентативец Јошко Гвардиол и Рубен Диас. Родри повторно ќе ја преземе улогата на коректор на средниот ред по опоравувањето од повредата. Гвардиола уште во средниот ред ги има Фил Фоден, Џереми Доку, Матеус Нуњес и Савињо.
За време на зимскиот преоден рок беа донесени дефанзивците Абдукодир Кусанов и Витор Реис, играчот од средниот ред Нико Гонзалес и напаѓачот Омар Мармуш. Двајца тинејџери, дефанзивецот Џума Бах и играчот од средниот ред Клаудио Ечевери, се враќаат од позајмици од Ланс и Ривер Плата.
Сити планира да доведе и две скапи засилувања во текот на летото, играчот од средниот ред на Баер Леверкузен, Флоријан Вирц и италијанскиот репрезентативец и првотимец на Јувентус, Андреа Камбијасо, кој може да игра на позицијата десен бек и во средниот ред.