
Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во понеделник допатува во Бања Лука каде се сретна со водачот на босанските Срби, Милорад Додик, против кого во среда ќе биде изречена пресуда во случајот поведен поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник.
Според соопштението од кабинетот на Додик, соговорниците од Република Српска му се пожалиле на поранешниот градоначалник на Њујорк, обвинителот и адвокатот на Трамп дека прогонот на кој биле подложени Додик во Босна и Херцеговина и Трамп во САД е „дел од истата матрица на притисоци со коишто се настојува да се дизциплинираат лидерите кои не се согласуваат со глобалистичките диктати“.
„Оваа посета дополнително потврдува дека Република Српска не е сама во борбата за зачувување на политичката и институционалната автономија и дека се повеќе луѓе на меѓународната сцена ги препознаваат двојните стандарди и притисоци на кои е изложена“, се вели во соопштението.
Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закона што беа усвоени од парламентот на Република Српска и покрај тоа што високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, претходно ги поништи, што може да резултира со казна затвор до пет години, а осудата во случајот на Додик би значела автоматско смена од функцијата претседател на Република Српска. Исто така, за Додик е побарано и забрана за извршување политички функции.
Обвинителството на БиХ против нив поднесе обвинение во август 2023 година, а судењето започна во февруари 2024 година.
Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русија и Кина како постојани членки на Советот.
Додик претходно изјави дека нема да присуствува на изрекувањето на првостепената пресуда пред Судот на БиХ во среда. Народната скупштина (парламентот) на Република Српска во среда ќе започне дводневна седница, а во центарот на Бања Лука се организира митинг за поддршка на Додик.
Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, во понеделникот во разговор со шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорека, предупреди за наводни закани за стабилноста на земјата, повикувајќи ја ЕУ да го зголеми присуството на воените сили на ЕУФОР.