
Американскиот претседател Доналд Трамп неделата ја прогласи за „голем ден за Германија“, по изборите на кои демохристијанската опозиција од десниот центар освои најмногу гласови, додека на второто место е крајната десница Алтернатива за Германија (AfD) која го оствари најдобриот резултат на парламентани избори досега во своето само 12-годишно постоење.
„Токму како и во Соединетите држави, и Германците се изморија од политиката којашто нема врска со здравиот разум, особено по прашањато на енергијата и миграцијата“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Според прелиминарните резултати во моментот кога Трамп ја објави честитката, Унијата CDU/CSU беше во водство со 28,5 отсто од гласовите, додека AfD е втора со 20,6 проценти.
Досега владејачката Социјалдемократска партија (SPD) освојува 16,5 отсто, а нејзините коалициски партнери во власта Зелените 11,8 проценти во гласовите. Во 21-от состав на германскиот Бундестаг влегува засега и радикалната Левица со 8,7 отсто.
Крајно левата нова партија Унија на Захра Вагенкнехт (BSW) не го минува засега „за влакно“ изборниот праг со 4,9 проценти, како и либерал-демократите од FDP со 4,4 проценти.
„Ова е одличен ден за Германија и за Соединетите држави под водство на господинот под име Доналд Џ Трамп. Им честита, на сите – нека следуваат уште победи“, додава во објавата американскиот претседател.
Советникот на Трамп, милијардерот Илон Маск отворено ја поддржуваше евроскептичната и противдоселеничка AfD, што сега веќе поранешниот канцелар Олаф Шолц, но и други политичари од етаблираните партии во Германија, го опишаа како мешање во суверенитетот и изборниот процес во земјата.