Трамп добил просечни оцени од Американците, во анкетата на Reuters/Ipsos

Американците му дале средни оценки на претседателот Доналд Трамп за неговото справување со економијата и напорите за намалување на владата и не биле импресионирани од некои контроверзи што тој ги поттикна, како што е предлогот за преземање контрола врз Газа, покажува анкетата на Reuters/Ipsos чии истражувања на јавното мнение, инаку, покажуваа „израмнета“ трка на ноемвиските претседателски избори во САД на кои републиканецот сепак убедливо победи.

Истражувањето, спроведено од 13-ти до 18-ти февруари, опфатило повеќе од 4.000 возрасни Американци кои биле прашани дали поддржуваат низа ставови на Трамп и до кој степен тие прашања ќе влијаат на нивното идно гласање.

Презентираните резултатите треба да сугерираат дека Трамп вложува значителен напор во политики кои многу Американци наводно не ги посакуваат или не ги сметаат за особено важни.

„Бранот на фрустрација поради долгорочната инфлација му помогна на Трамп да ја преземе функцијата во ноември, а мнозинството од испитаниците, 58 отсто, рекле дека инфлацијата ќе биде важен фактор на идните избори“, пишува Reuters.

Сепак, само 32 отсто од испитаниците во оваа анкета ги одобриле постапките на Трамп во однос на инфлацијата. „Ставовите на луѓето за економијата паднале на најниско ниво за една година овој месец“, според истражувањето на Универзитетот во Мичиген.

Исто така, само 25 отсто од испитаниците, и половина од републиканците, рекле дека ја поддржуваат идејата на Трамп за американската влада да ја преземе контролата врз Газа и да ги пресели Палестинците на друго место.

Одреден дел од испитаниците кои во извештајот се наведени како гласачи на Трамп во 2024 година не поддржуваат некои од првите акции и идеи на претседателот. Но помалку од една третина од нив се против предлогот за укинување на државјанството по право на раѓање, а дуси само петтина се против укинување на програмите за различности, еднаквост и инклузија.

Американците ги сметаат напорите на Трамп да ја намали владата како важни, но тие се поделени, главно по партиски линии, се вели во анализата на резултатите

Високи 60 проценти од испитаниците рекле дека Одделот за владина ефикасност (DOGE), задолжен за намалување на федералните трошоци под водство на Илон Маск, ќе влијае на нивниот глас на следните федерални избори во 2026 година, на кои демократите ќе се обидат да ја вратат контролата врз Конгресот, откако во ноември ги загубија и Претставничкиот дом и Сенатот.

42 отсто од учесниците рекле дека го поддржуваат DOGE, додека 53 отсто се против.

Повикот на Трамп за укинување на Министерството за образование, за што ќе биде потребна поддршка од Конгресот, наишло на широко распространето противење: 65 отсто од испитаниците и четворица од десет републиканци се противат, во анкетата на Reuters/Ipsos, британската новнска агенција која има негативен став кон Трамп од неговото влегување во политиката во 2015 година кога ја најави кандидатурата за првиот претседателски мандат.

Сепак, намалувањето на трошоците на Маск е многу популарно меѓу тврдокорните поддржувачи на Трамп, оние кои во анкетата рекле дека силно се идентификуваат со движењето на претседателот „Направи ја Америка повторно голема“.

Дури 94 отсто од следбениците на MAGA ги поддржуваат напорите на Маск, а 78 отсто рекле дека тој би бил „многу мотивирачки“ или „мотивирачки“ за нив на идните избори.

Истиот дел од оваа група испитаници смета дека депортацијата на илегалните имигранти е нешто што многу ќе ги мотивира на изборите. Тоа е прашање што беше во центарот на изборната кампања на Трамп минатата година.

Повеќе од половината од испитаниците – 55 отсто, поддржуваат зголемување на бројот на депортации, додека 41 отсто се против. Сепак, начините администрацијата на Трамп за имиграцијата ги одобруваат помалку од половина од нив, 47 проценти.

Трамп, исто така, добил средни оценки за неговите предложени царини, особено оние за Канада. Педесет идевет проценти од испитаниците, вклучително и четвртина од републиканците, ја отфрлаат оваа идеја.

Анкетата опфатила 4.145 возрасни Американци и има маргина на грешка од два процентни поена.