Трамп ја игнорира загриженоста на Украина што е исклучена од разговорите со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли загриженоста на Украина во врска со неучеството во американско-руските разговори во Саудиска Арабија за завршување на војната во Украина и рече дека не се противи Европејците да испратат мировници во земјата, доколку тоа го сакаат.

Некои европските челници, во прв ред францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер заговараат евентуално испраќање вооружени наводни мировни сили како безбедносна гаранција во случај да се постигне мировен договор. Германија и Италија, пак, сметаат дека тоа е преурането размислување во моментов. Во Брисел, исто така, се размислува таквите единици да бидат и под некаква форма на мисија на Обединетите нации и да вклучат нерегионални земји.

Меѓутоа, по средбата со американските функционери во Ријад во вторникот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва нема да се согласи со присуство на воени сили на земји од НАТО, под какво и да знаме и да пристигнат.

„Тоа, се разбира, е неприфатливо за нас“, предупреди шефот на руската дипломатија.

„Би било добро да се има војници таму, јас не би се спротивставил на тоа“, им рече Трамп на новинарите во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Палм Бич.

Тоа е прва изјава на Трамп откако делегациите на САД и Русија започнаа дијалог за Украина во Ријад претходно во вторникот.

„Русија сака да направи нешто“, рече американскиот претседател, истакнувајќи дека Украина можела да постигне договор пред многу години, алудирајќи на пропаднатиот веќе постигнат договор од Истанбул три седмици по почетокот на руската инвазија на 24-ти февраури 2022 година.

Трамп ја отфрли украинската загриженост дека тие биле исклучени од состанокот, додавајќи дека требало да започнат разговори многу порано.

„Денес слушнав ‘ох, не бевме поканети’. Па бевте тука три години, требаше тоа да го завршите… никогаш тоа (војната) не требаше ниту да го почнувате. Требаше да постигнете спогодба“, рече Трамп.

Тој го обвини и поранешниот претседател Џо Бајден за неговата политика кон Украина. „Мислам дека можам да ја завршам оваа војна“, истакна Трамп.