Трамп ќе воведе царини од 25 отсто за автомобили, лекови и чипови

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека планира да воведе царини за автомобили од околу 25 отсто и слични давачки за полупроводници и фармацевтски производи, што е најновата во серијата мерки што би можеле да ја нарушат меѓународната трговија.

Трамп во петокот рече дека нема да воведува царини за автомобили пред 2 април, ден откако членовите на неговата влада се очекува да му ги претстават податоците и решенијата за серија увозни царини за американски стоки.

Трамп долго време предупредува за, како што го нарекува, нефер третман на американските возила на странските пазари. Европската унија, на пример, го оданочува увозот на автомобили со десет проценти, четири пати повеќе од САД со 2,5 проценти. Но, САД имаат царина од 25 отсто за увезените пикапи, освен оние кои доаѓаат од Мексико и Канада, што ги прави таквите возила од автомобилските компании во Детроит многу профитабилни.

Трамп им рече на новинарите дека секторските царини за фармацевтските производи и полупроводниците, исто така, „ќе започнат од 25 проценти нагоре и ќе бидат уште повисоки во текот на годината“. Не наведе конкретен датум кога ќе стапат на сила давачките, додавајќи дека сака да им даде време на производителите на лекови и чипови да градат фабрики во САД за да ги избегнат.

Од неговата инаугурација пред две седмици, Трамп воведе десет отсто царина на целиот увоз од Кина, бидејќи Пекинг не успеа да го спречи шверцот на фентанилот. Потоа најави, а потоа одложи за еден месец, царини од 25 отсто за сите стоки од Мексико и Канада, освен енергијата.

Тој го постави 12 март како почеток на примената на царините од 25 отсто за увоз на алуминиум, елиминирајќи ги исклучоците за Канада, Мексико, Европската унија и другите трговски партнери. Тарифите ќе важат и за стотици производи од челик и алуминиум.

Трамп минатата седмица го задолжи својот економски тим да подготви план за воведување реципрочни тарифи за секој производ што ќе одговара на тарифите во другите земји.